Јелена Јованова: Колку е прекрасно актерството!
Kако ви поминува овој период од годината?
Сосема добро и благодарно за сè што ми се случува. Во мојот постојан ритам или пореметен биоритам. Будење, музика, туш, кафе, доручек „во од“, торба поголема од мене со сè што може да ми затреба, полнач и наполнет телефон, сценарија, авионски карти, автобуски карти, станици… луѓе… разговори со познати и непознати кои секогаш имаат нешто интересно да раскажат, време задолжително за мене и мојот човек, ручек, скајп разговори…Снимање на нови кастинзи, учење шпански, навечер чаша-две вино, мало дружење со нешто што во моментов читам, во случајов со сатиричарот Ephraim Kishon, скоро пред сон со прашањето „што ново ќе научам утре“… и утро е пак!
Ќе ни откриете ли што ве привлече да бидете актер,и дали актерството влијае да се менувате и на кој начин?
Сакав да бидам сликар. Кога подлабоко ќе размислам ќе речам – па тоа и станав! Од различен материјал ни се сликарските платна, но и едните и другите го сликаме животот во кој ги боиме емоциите водени од различни ситуации во потрага по одредени одговори.
Како мала ми велеа дека поставувам многу прашања и барам многу одговори. Веројатно потребата да знам како некој се чувствува во одредена ситуација, зошто реагира така како што регира, како размислува и што го интересира, како и можноста добро да ислушам и сочувствувам без притоа да судам е една од најбитните причини зошто станав ова што сум. Професија во кој сеуште се развивам и учам. А она што секако е битно е радоста и забавата додека тоа го живеам.
Работите на многу проекти, во многу жанрови, во различни подели и кастови, ансамбли, земји и продукции. По што сте вие посебна? Што сметате дека режисерите и продуцентите препознаваат во вас, која е вашата уникатна вредност, вашата есенција?
Она до што јас секогаш се трудам да допрам е вистината и точноста во секоја трансформација и игра. Природна и автентична. На она што ќе допре и ќе запраша. Би сакала да верувам дека често успевам во тоа… и одговорот на ова би требало да го даде некој друг.
Колку е важно за оние кои се занимаваат со актерство да работат на себе и на својата спиритуалност?
А зошто да не го адресираме прашањето до секое живо битие. Благословени сме со свесност, разум и слободна воља како би биле способни да се прилагодиме на сè што животот нѝ носи. Како и секој мускул кој не е флексибилен и не се развива така и овие благослови може за брзо да атрофираат и да не носат личен прогрес. Верувам дека квалитетот на животот доаѓа со себе-освестување и свесност за она што нè опкружува. Со развојот на нашите несвесни верувања и вредности. Со признание дека нашиот светоназор понекогаш е можеби погрешен и треба да го преиспитаме. Со развој на нови, инакви и позитивни навики. Човечката психа е најподводлива, но и пластична. Да бидеме Сократ на самите себе си не е лесна, но е многу неопходна задача.
Што е персонификација на сјајот, а што на темнината во животот на глумецот?
Шамар. Најчесто. Кофа ладна вода. Освестување на несвесното за кое рака си сечел предходно дека не е дел од тебе. Таквите ми се најслатки и најдобредојдени. Зошто ме вадат од комфорот. Некои ќе ги прифатам и решам, но има и такви кои сеуште чучнато се кријат под тепих. Веројатно сеуште не се јако потресени… Но таквиот миг е неизбежен зашто знам дека некоја туѓа приказна кога-тогаш ќе ме врати на она од кое понекогаш бегам. И дури го одговарам прашањево – повторно си потврдувам колку е прекрасен овој мој одбран занает!