Неформалните собирачи на пластика да се вмрежат во одржлив и зелен систем на селекција на отпад

Речиси 90 отсто од селектираниот отпад во земјава, најчесто пластика и хартија, го собираат неформалните собирачи. Неколку илјади луѓе од најниското социјално скалило живеат од овој бизнис и имаат потреба да се вмрежат во одржлив и зелен систем со кој правилно ќе се управува со отпадот. Паралелно со тој процес неопходно е да се работи на јакнење на свеста на граѓаните дека иднината на планетата е во циркуларната економија, чиј столб е токму селекцијата, рециклирањето и реупотребата.

Подготвеноста на институциите да му погледнат во очи на овој долгогодишен проблем сè уште не е на задоволително ниво. Иако последните години и се зборува и се работи на темата на управување со отпадот, сепак, се чини дека работите стојат во место. Сè уште не е изградена ниту една регионална депонија, а освен поголемите градови, можностите за селекција на отпадот се многу мали. Реалноста зборува дека во земјава, не само што сме далеку од систем за селекција и рециклирање, туку јавните комунални претпријатија не успеваат да соберат сто отсто од комуналниот отпад. Околу 200.000 тони и понатаму завршуваат надвор од депониите, во реките, езерата, на планините.

„Во земјата недостига свест, мотивација, но и организација за селекција и правилен третман на отпадот“, вели Ана Петровска, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Фото: Мета.мк

На јавната расправа на тема „Важноста и потребата од примарната селекција во нашиот систем на управување со отпад во град Скопје“, која ја организираше здружението „Гоу Грин“, Петровска истакна дека општинските јавни комунални претпријатија во земјава немаат волја да го одвојуваат отпадот, колективните постапувачи се насочени само кон големите производители на отпад, а приватниот сектор нема мотивација да биде движечка сила во отворање на ваков тип зелени бизниси.

„Општините можеби и би сакале да работат на исполнување на стандарди за третман на отпадот, но нивните можности, финансиски и организациски, се многу ограничени. Решението е во регионалните депонии. Веројатно е дека прва која ќе биде отворена е таа Источниот и Североистониот регион и дека до крајот на годината ќе започне изградбата на депонијата која ќе ги подигне еколошките стандарди, ќе го зголеми процентот на селектираниот отпад“, вели Петровска.

Во моментов во земјава нема услови ниту да се казнуваат оние што не селектираат, а законот овозможува многу ретко да бидат казнети и оние кои создаваат диви депонии.

„За да се промовира казнен систем“, смета Петровска, „прво треба да се создадат услови и мотивација за граѓаните да селектираат“. Посочува дека дел од системот треба да бидат и од три до пет илјади лица кои денес собираат отпад, кои треба да се интегрираат во системите на регионалните депонии, да се регистрираат и да добијат лиценци за работа.

Цена Виданоска, советник за животна средина од Општина Центар информира дека во повратните вендинг машини за селекција на пластика и лименки се собрани околку 95.000 парчиња за само два месеци.

„Расте свеста кај граѓаните од придобивките од селекцијата на отпадот. Општината заедно со Пакомак постојано работи на проширување на мрежата на контејнери за селекција и истовремено работи на едукација на најмладите во основните училишта“, вели Виданоска.

Социјалното претпријатие „Redi Recycling“ е првото кое работи на згрижување, организација и формализирање на статусот на неформалните собирачи на отпад. Целта е за нив да се обезбеди поголема социјална сигурност и стабилност, а од друга страна да се работи на подобрување на уловите во животната средина во локалните заедници.

Translate »