Младите во светот се длабоко вознемирени од климатските промени, покажа ново истражување
Ново глобално истражување ја покажува длабоката вознемиреност која младите лица во светот ја чувствуваат во однос на климатските промени, пренесува „Би-би-си“.
Извештајот од истражувањето кое во 10 земји го спровел Универзитетот Бат во соработка со други пет универзитети, бил објавен во списанието „Lancet Planetary Health“. Во извештајот се тврди дека ова е најголемо истражување од ваков вид досега, со одговори на 10.000 лица на возраст помеѓу 16 и 25 години.
Како што покажуваат резултатите, речиси 60 отсто од анкетираните млади рекле дека се чувствуваат многу или екстремно загрижени. Над 45 проценти од испитаниците рекле дека нивните чувства во врска со климата им влијаеле врз секојдневниот живот.
Три четвртини одговориле дека мислат оти иднината е застрашувачка, а повеќе од половина сметаат дека човештвото е осудено на пропаст.
Две третини од анкетираните млади пријавиле чувство на тага, страв и анксиозност. Многумина чувствувале и лутина, очај, срам, но и надеж. Голем дел од испитаниците сметале дека немаат иднина и дека владите не успеваат соодветно да одговорат на климатските промени.
Еден од анкетираните млади лица, кој имал 16 години, одговорил:
„За младите е поинаку – за нас, уништувањето на планетата е лично“.
Многумина од испитаниците одговориле дека се чувствуваат предадени, игнорирани и напуштени од политичарите и возрасните.
Авторите на истражувањето велат дека младите се збунети од неуспехот на владите да дејствуваат. Тие велат дека стравувањата за животната средина „длабоко влијаат врз огромен број млади луѓе“.
Според нив, хроничниот стрес поради климатските промени го зголемува ризикот од ментални и физички проблеми. Тие велат дека ако значително се влошат временските настани, нивното влијание врз менталното здравје ќе биде уште поголемо.
„Ова покажува дека еко-анксиозноста не е само поради уништувањето на животната средина, туку е неразделно поврзана со неактивноста на владите за климатските промени. Младите се чувствуваат напуштени и предадени од владите“, изјавила Каролин Хикман од Универзитетот Бат, главната авторка на објавениот извештај.
„Ние не мериме само како тие се чувствуваат, туку и што мислат. Четири од десет лица се двоумат дали да имаат деца“, додава Хикман.
Нивото на вознемиреност кај младите било најголемо во земјите каде владините климатски политики се сметаат за наслаби. Најголема загриженост имало на глобалниот југ. Најзагрижена „богата“ нација била Португалија, каде во изминатиов период имаше повеќекратни пожари.
Анкетата била спроведена во Велика Британија, Финска, Франција, САД, Австралија, Португалија, Бразил, Индија, Филипини и Нигерија.