Елизабета Мирчевска, Атлантик Група – задоволните и мотивирани вработени се вреден капитал, причина за уште поуспешни резултати на компанијата
Постои сè поголема неусогласеност помеѓу работната средина што вработените ја посакуваат и онаа што нивните организации им ја овозможуваат. Тоа е причина зошто толку многу работници ги напуштаат своите работни места и зошто компаниите имаат проблем да ги пополнат отворените работни места. Ова се случува во западните земји, но е забележливо последните години и во Македонија. Како да се задржат вработените, како да бидат задоволни на работното место еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите во изминативе години. И тоа се однесува на работни позиции од целата хиерархиска структура. На оваа тема разговараме со Елизабета Мирчевска менаџер за човечки ресурси во Атлантик Група, компанија оваа година доби признание за Најдобра ХР практика на годината, во изборот на Македонската Асоцијација на Човечки ресурси (МАЧР).
Што е она што вашата компанија го прави за да се перцепира како атрактивно место за работење?
Атлантик Група веќе долги години работи на стратегија на задржување на вработените, применувајќи различни постулати во работење.
Еден од нив е обезбедување флексибилни работни средини во однос на местото, времето, описот на работното место и компензациските патеки. Атлантик Група почнувајќи од 2017-та година преку концептот фелсибилно работно време и работно место (можност за работа од дома) допринесе многу од вработените сами да изберат од каде ќе работат, а почетокот на пандемијата и работењето од дома го направивме безболно, со адаптација преку ноќ.
Континуирано инвестираме во грижата за нашите вработени и нивните семејства.
Обезбедивме ресурси за физичко и ментално здравје на вработените, имајќи ги во предвид личните жртви што сите ги направиле за време на пандемијата. Помагаме на одредени категории на вработени како на пример родители со мали деца и болни, преку обезбедување или субвенционирање на што повеќе платено слободно време.
Обрнуваме внимание на поттикнување на лојалноста и наградување на најдобрите, преку долгорочни програми наменети за задржување на вработените. Со овој тип на долгорочни програми за наградување, даваме можност вработените да станат акционери и да добијат дополнителна вредност со тоа што се дел од компанијата долги години.
Овој модел заслужува да се истакне како одлична пракса во ХР заедницата, која верувам ќе ја подигне свеста и кај останатите компании да понудат вакви слични програми кои ќе помогнат во задржувањето на вработените.
Што ги задржува вработените во една работна средина?
Да почувствуваат дека се важен дел од еден систем. Дека постои грижа за благосостојбата на луѓето во тимот и организацијата, за да тие растат и се развиваат. За таа цел обезбедуваме конкурентен систем на плати и бенефиции, ги слушаме нивните потреби и предлози, се грижиме за нивното ментално здравје. Континуирано креираме тренинзи и развојни програми со цел да ја поттикнеме нивната креативност.
Атлантик Група веќе втор пат е добитник на една од престижните 3 награди кои ги доделува Македонската Асоцијација на Човечки ресурси, кажете нешто повеќе за наградата.
Како потсетување во 2018 година, мене ми припадна честа да бидам препознаена како ХР Менаџер за 2017 година, пред се како резултат на се она што го иницираме и реализираме во нашата компанија, а според очекувањата на вработените.
Оваа година Атлантик Група повторно ја понесе една од трите награди, овојпат наградата за најдобра ХР практика на година. Таа беше препозната и во пошироката ХР заедница во Македонија, и во огромна конкуренција со 16 други практики го понесе епитетот најдобра практика во 2021. Се доделува на компанијата која е оценета како најдобра во полето на човечките ресурси, која негува позитивен и продуктивен пристап на работа.
Имате развиено специфична програма за лојалност која е голем поттик и мотивација за задржување на вработените?
Вработените можат сами да одлучат како сакаат да добијат награда. Во кеш или акции. Имаат можност да одберат кој износ од својата годишна награда ќе ја депонираат како одложена исплата, имајќи во предвид дека приносите се видно поголеми за заштеди во Атлантик банката поврзани со акции и на временски период од 3 години.
Постои можност и за платен одмор до 6 месеци, тоа е т.н. RETENTION стратегија, која донесе одлични резултати во изминативе години во задржувањето на нашите вработени, во задоволството на вработените, во мотивираност во тешките периоди на пандемиска криза и да ги надминеме успешно и безболно сите предизвици.
Атлантик група верува дека задоволните и мотивирани вработени се вреден капитал и ресурс на компанијата, кои ќе допринесат за уште поуспешни резултати на компанијата.