Андреја, Виктор и Небојша, тројца “тениски вљубеници” кои внесуваат позитивна енергија и го афирмираат тенисот во земјава!
Андреја Исаиев, Небојша Милутиновиќ и Виктор Михајловски се тројца одлични пријатели, и македонски тениски ентузијасти кои со својата страст и посветеност изминативе години во земјава придонесоа се почесто и повеќе да се игра тенис, а голем број на деца да го засакаат овој спорт.
Несебични и амбициозни, тие со својот тениски клуб Мондано овозможуваат децата кои го сакаат тенисот да имаат максимално добри услови за работа, одлични тренери и секогаш достапни терени за да можат да го искажат својот потенцијал. Успешно ги менаџираат тренинзите и терените во АБЦ и Мондано (во кругот на ОУ Јосип Броз), од каде веќе излегуваат деца кои се меѓу најдбрите во својата генерација.
Максимално посветени тие секојдневно работат со цел талентираните млади спортисти да го развијат својот потенцијал. Истовремено организираат разни ревијални тениски натпревари за здруженија и компании, популаризирајќи го тенискот во нашата земја. Насмеани, секогаш позитивни и секогаш расположени за тенис, не мотивираа на кратко интервју со нив.
Ве одликува смиреност и трпение во работата со децата. На тренинзите има смеа, забава, еден другарски однос. Но во всушност колку е лесно или тешко да се работи со деца?
Работата со деца во секој спорт па и во тенисот е благородна, но истовремено и исполнета со многу предизвици. Потребно е трпение и упорност за да можете да им пренесете знаење, но и познавање на детската психологија, за да можете да комуницирате со нив. Ако децата не се опуштени, среќни потешко ги примаат работите. Потребно е да имате позитивна енергија на теренот.
Мотивираноста е многу важна во тенисот. Како успевате да проникнете во тоа што му е потребно на секое дете, бидејќи сите се различни?
Мотивираноста и желбата треба првенствено да доаѓа од самите деца, тие да сакаат да доаѓаат на тренинг, да се дружат, да се чувствуваат убаво. Работите треба да се развиваат по природен пат, децата тоа да го чувствуваат како свој избор, а не нешто наметнато. Но најважно од се е да го сакаат тенисот!
Тренерот треба да развие посебен однос со секое дете, бидејќи сите се различни. Да ги поттикне на разговор, да ги согледа сите предности и недостатоци, со цел да може да изгради план за нивен тениски развој.
Тенисот е индивидуален спорт. Целата тежина е на поединецот, што го прави многу напорен и комплексен. Потребно е многу работа, за мали промени, но истовремено е толку убав, што кога еднаш ќе го засакате, тој ве прати цел живот.
Кој членува во вашиот клуб?
Имаме почетници, но и деца кои веќе професионално се натпреваруваат, во земјава и регионот. Имаме во моментов деца со исклучителен талент, кои 5 до 6 пати во неделата тренираат. Кога ги гледаме како работат, колку се посветени тоа за да нас претставува голема радост. Секој успех на дете кое тренира кај нас е наша голема мотивација која не тера на поголема работа и стремење кон повисоки цели.
Што го разликува вашиот клуб од останатите?
Имаме 6 тениски терени на располагање, и сите во секое време се во одлична состојба. Редовно се одржуваат и се меѓу најдобрите. Она што е најважно тие се секогаш достапни за децата кои се членови на нашиот клуб. Буквално ако децата сакаат може да играат секој ден. Тука несебично им овозможуваме да играат и да го покажат својот потенцијал. Со децата се гради пријателски однос, како и со нивните родители, и слободно можам да кажам дека сме доста поврзани.