10 најчести грешки при уредување градини и како да ги одбегнете
Ви претставуваме 10 најчести грешки при садењето и одгледувањето на растенија кои можат многу лесно да се одбегнат. Еве за што станува збор:
Купуваме прво растенија – после правиме план
Полетни орни го уредуваме својот двор или деловен објект. Земјата е раскопана, аргатите се тука, треба брзо да се делува. Од најблиското продажно место, тезга или улица бираме садници на око, без претходно да се консултираме со стручни лица како да препознаеме квалитетен расад, без претходно да имаме план за садење и избор на видови.
Мала е садницата – мала ќе расте
Растенијата сме ги набавиле малечки (сосема во ред). Но не ги познаваме нивните карактеристики. Ги садиме небаре редиме цигли едно до друго или расфрлено без концепт. Повеќето од нив се прифатиле, пораснале големи, прераснати едно во друго и се сушат.
Несоодветни растенија на несоодветни места
Имаме големи постојни дрвја, сенка и голема коренова конкуренција, просторот под нив сакаме да го анимираме. Одбираме растенија кои ни се допаднале најмногу, а се најмалку соодветни за позицијата. Или имаме отворена сончева позиција а садиме растенија за сенка. Во тесен простор садиме мало растение кое расте големо.
Иако се консултираме, „го слушаме само тоа што сакаме да чуеме“!
Преценети можности
Озеленуваме двор или жардиниери. Нередовно го посетуваме местото, нема кој да полева, не изработуваме систем за полевање…
Лоша почва и нема вода
Викенд куќа, почвата е глина -лапорец, вода кога има, кога нема. Не бараме соодветно решение. Туку комшиските дрвја ни се допаѓаат и исти такви бараме, иако соседот претходно ја сменил почвата, ископал бунар и редовно полева.
Многу често полеваме
Растенијата ни се посадени во саксии. Саксиите како да немаат дупки. Растенијата ни венат а ние упорно полеваме се додека не ги удавиме потполно.
Жал ми беше да го кројам
Ни поклониле грмушка или „борче“, со љубов посадено, прописно одгледувано многу убаво расте. Од година во година станува се побујно се поголемо. Жал ни е, не го кроиме. Конечно одлучуваме, мора да се крои. Гранките се сечат на половина, остануваат голи гранки кои ги изгубиле внатрешните листови заради големата сенка. Очајно чекаме повторно да зазелени.
Не го сакам, собира мравки
Колонија од мравки во крошната на едно растение е сигурен знак дека растението е нападното од вошки. Изметот од вошките е вкусна храна за мравките. Уништете ги вошките, растението ќе ви биде благодарно и мравките ќe си заминат.
Не го сакам, капе смола
Сме одгледале дрво од десетици метри, непроценлива ладовина во лето. Ама капе „смола“, не се остава автомобил под него. Дрвото е нападнато од вошки, нивниот измет е леплив „медена роса“ капе од крошната и го предизвикува проблемот. Испрскајте го дрвото барем 2 пати со моторна пумпа со системичен инсектицид. Проблемот ќе изчезне, ладовината ќе остане!
Порасна големо – ќе го сечам
Големите возрасни дрвја се богатство од непроценлива вредност, бидејќи и да можеме исти такви нема кај да купиме! Затоа пред да ги сечеме, треба добро да процениме дали постои можност само да ги скратиме во крошните. Дали постои можност да ги сочуваме, да не биде од готово – вересија.
За отворени прашања врзани за Вашите растенија, за подетални одговори консултирајте се во Градинарскиот центар Фоја.
https://foja.com.mk / info@foja.com.mk / 02 2772 046 / 078 225 897.