Весна и Миле Брцески- Креативност и хуманост во “Совршениот фимо свет”

 Брачната двојка Весна и Миле Брцески изработуваат од полимерна глина  вистински ремек дела, наменети за најмалите . Станува збор за уникатен  детски прибор за јадење,  инспириран од јунаците на  цртаните филмови.  Со својот  “Совршен фимо свет” тие  се вклучени и во  хуманитарни акции. Овојпат  со желба да му помогнат на  13-годишниот Давид Стојановски, кој е на  лекување во Виена, донираа средства добиени од продажбата на сетот наречен “Спајдермен”.


   Преку Radar.mk , ги повикуваат и другите да погнат на  Давид и неговото семејство.


 -Навикнати сме на насмеани детски лица, на очиња полни со воодушевување, на искрени насмевки и многу среќни моменти, пренесени на фотографии во нашиот инбокс. Кога ја дознавме приказната за Давид, без размислување сакавме скромно да помогнеме, да придонесеме , сите овие убави моменти да продолжат да се случуваат во неговиот живот, и колку можеме да го олесниме тој товар кој го носат неговите родители…Нашата мисија сигурно нема да заврши тука, секаде каде што можеме и ќе бидеме повикани, сигурно дека ќе помогнеме…❤

 


 Што е всушност ” фимо” глината и што се изработувате со неа?

 -Полимерната глина е всушност пластелин во боја ( со специфични својства)..При изложеност на одредена температура, се полимеризира-стврднува и преминува во цврста состојба, нешто налик на цврста пластика. Можностите за работа со него се буквално неограничени, зависно од креативните идеи на уметниците и нивната умешност. Може да се аплицира врз метал, керамика и дрво. Нашата идеја беше сета таа креативност и талент, кои ги носиме во себе, да ги пренесеме на приборот за јадење,а со тоа да раскажеме многу приказни и да оживееме многу ликови во секој оброк на едно дете. Се работи за глина кој има светски сертификат, потополно безбедна за деца.

Како дојдовте на оваа идеја?  Кои се  поточно Миле и Весна и како започнавте да се занимавате со глината?

Креативната двојка Брцески – Совршен фимо свет
-Ние како дуо, всушност  сме брачен пар , со потекло од Прилеп, Животниот тек на работите и професиите не доведоа тука во Скопје каде и основавме свој дом и имаме 3 деца. Заради обврските со и околу нив, и недостатокот од помош , приморани бевме да избереме опција за работа од дома. Идејата ни дојде многу спонтано, кога една мајка побара помош од социјалните мрежи, за изработка на детски прибори со јунаци од цртаните филмови за нејзините деца. Бидејќи добро ја познававме глината како материјал и имаме 13 годишно работно искуство со неа, помислив дека можеме да помогнеме. Благодарноста беше огромна. Бевме поддржани и наградени со многу пофални зборови , јавно во група со многуилјадно членство. Наредниот ден веќе имавме полни раце работа.

Колку е напорна изработката на овие мали ремек дела? И од каде ви доаѓа инспирацијата?

 –Да се изработи прибор со анимирани ликови е макотрпна работа, која бара многу посветеност, многу работни саати, талент и огромно трпение.  За среќа нашите професии како забен техничар и вајар , буквално ни помогнаа да ја оствариме оваа идеја.  Инспирацијата ни е буквално на секој чекор…со 3 деца по дома се е шарено, и сите тие анимирани ликови се буквално насекаде околу нас, на нивната гардероба, во кутиите за играчки, секаде.

Како ова хоби прерасна во професија? Кој беше клучниот момент?

-Секое хоби може да прерасне во професија само доколку се има сериозен пристап, и огромна одговорност…посебно кога ќе ветите нешто на деца, тоа сигурно мора е да е совршено исполнето, и да ги задоволи нивните чисти детски очекувања.

Колкав е интересот за вашите производи? 
-Интересот е голем, дури и премногу за нашиот капацитет. Со оглед на тоа дека сетовите се мали ремек дела и моделацијата е рачна, ние сме со ограничена месечна квота. Често имаме и повеќе нарачки од тоа што можеме да изработиме, и за да не изневериме некој детски сон, остануваме доцна во ноќта. Сетовите се персонализирани и се специјално изработени за секое детенце. Секое од нив посебно си го добива нашето внимание. Најчесто тоа се подароци за родендени, или патуваат како уникатен подарок во некои странски земји…

  
Translate »