Владата го одобри договорот за коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“

Владата на денешната седница го одобрила договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а надзор да врши конзорциумот „ИРД инженеринг“, соопштија од кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби.

Зеленото светло за договорот доаѓа по предлог на Комитетот за преговори за изградба на овие автопатишта со кој раководи токму Груби, а по завршени четиринеделни преговори меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД и „Бехтел и Енка“.

„Денеска е голем ден во Управниот комитет и во Владата каде што го разгледавме извештајот на нашиот консултант за преговорите со конзорциумот ’Бехтел и Енка‘ за изградба на коридорите 8 и 10-д, како и одобрување на содржината и потпишување на договорот“,

истакна Груби.

Од неговиот кабинет посочуваат дека Владата пред неколку недели го одобрила и заклучокот дека се исполнети сите предуслови за почеток на преговорите и формирање на работни групи меѓу „Бехтел и Енка“ и ИРД.

Коридорот 8 е долг 68 километри и станува збор за автопатот од Тетово до Гостивар, потоа кон Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-д е на делницата од Прилеп до Битола со должина од 40 километри и има шест ленти, а периодот на изградба е три години од почетокот на работите.

Токму договорите поврзани со изградбата на овие автопатишта деновиве се една од најактуелните теми во јавноста и прозивки меѓу опозицијата и власта.

Добитниците на тендерот за надзор на изградбата беа тема и на новинарско истражување на „Призма“. Надзорот треба да го врши конзорциумот „ИРД инженеринг“, а покрај ИРД, дел од него се уште три фирми.

Меѓу нив се шпанската „Ептиса“ и две домашни фирми „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“. Еден од сопствениците на „Евро консалтинг“ е македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој во Ерменија работел за фирмата „Ептиса“. Сега, како што објави „Призма“, тој е под истрага на ерменското обвинителство за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.

Translate »