Алармантна состојба во некои европски држави: Воведуваат рестрикции поради сушата, се градат кризни планови – еве каде е најопасно

Од европските земји пристигнуваат алармантни вести за сушата која предизвика критичен недостиг на вода оваа зима, поради недостигот на врнежи и топлотни бранови.

Езерото Монбел во југозападна Франција е повеќе од 80 отсто празно, а бродовите се насукани.

Во северна Италија туристите можат да пешачат до малиот остров Сан Бјаџо, до кој обично се пристапува само со брод, на Алпите забележале 63 отсто помалку снег од вообичаено, во Германија плитката река Рајна го отежнала товарниот сообраќај, а Барселона престанала да ги наводнува парковите, наведува The Guardian, кој предупредува на последиците од зимската суша по најсувото лето во последните 500 години.

Научната студија објавена во јануари од Технолошкиот универзитет во Грац во Австрија, покажа дека Европа се наоѓа во период на суша од 2018 година и дека ситуацијата со водата е „многу неизвесна“.

„Никогаш не би можел да замислам дека водата ќе биде проблем овде во Европа, особено во Германија или Австрија. Ние всушност имаме проблеми со снабдувањето со вода овде“, рече Торстен Мајер-Гур, еден од авторите на студијата.

Картата на моменталната суша во Европа од програмата Коперник на ЕУ, покажува предупредувања за слаби врнежи или влажност на почвата во областите на северна и јужна Шпанија, северна Италија и јужна Германија, а Франција е погодена речиси цела – забележа повеќе од 30 дена без значителни врнежи, што е најдолг период од 1959 година.

Кризен план

Државата забележа 75 отсто помалку дожд од нормалното за февруари, а на локалните власти во сите седум главни речни сливови во земјата им е наредено да започнат со спроведување на ограничувањата на водата, бидејќи владата работи на кризен план за справување со недостигот.

Цела Шпанија е во суша од јануари 2022 година, но снабдувањето со вода во Каталонија е толку ниско што властите оваа недела воведоа закони кои вклучуваат намалување на 40 отсто од водата за земјоделството, 15 отсто за индустриски потреби и намалување на просечното дневно снабдување по глава на жител од 230 до 250 литри.

Италијанската река По е 61 отсто под нормалата за февруари, а министерот за животна средина и енергетска безбедност, Жилберто Пичето, стравува дека во некои области може да биде неопходно рационализирање на водата.

Во Австрија најсувата зима во историјата

Во провинцијата Тирол во Австрија, градовите Ландек и Ројте ја доживеале најсувата зима во историјата, додека во делови од Швајцарија општините морале да ги повикаат граѓаните повторно да штедат вода, како што тоа го направиле минатото лето.

Последиците од зимската суша најверојатно ќе се почувствуваат во Германија и пониските региони на Австрија во наредните месеци бидејќи помалку снег значи помалку растопена вода за да ги нахрани реките од централна Европа во потоплите месеци.

„Февруари го одбележа долг сушен период, кој започна на повеќето станици во последната декада од јануари, па така преовладуваа умерено суви и многу суви услови, а на некои станици во втората половина на февруари преовладуваа дури и екстремно суви услови“.

Translate »