Две неуспешни аукции за продажба на зградата на Еуростандард Банка! Дали намерно се преценува вредноста?

По две неуспешни аукции за продажба на зградата на Еуростандард Банка, закажана е трета електронска аукција за 15 март. Од средствата кои ќе се добијат треба да бидат подмирени депонентите на банката, а тоа се оние граѓани кои имале штедни влогови поголеми од 30.000 евра, како и некои компании. Оние со помали заштеди беа обештетени од државата. Неуспешните досегашни аукции според експертите за проценка на недвижен имот водат кон заклучок дека можеби вредноста на овој објект е преценета, и дека некој со тоа намерно го кочи процесот на обештетување на депонентите.
Според реномирана, независна ревизорска куќа која направи процена на вредноста на оваа зграда (по официјални методологии за процена на недвижен имот), реалната вредност не кореспондира со она што неофицијално се бара од 8,4 милиони евра.


Објектот има вкупна површина од 3489 квадратни метри, во кои влегуваат 1512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места. Канцеларискиот простор е само 1977 м2. Објектот ревизорите и овластени проценители го проценуваат на 5,3 милиони евра.
Објектот не се продава парцијално туку целосно, и навистина станува збор за голем износ на средства за македонски услови кои треба да се издвојат за овој деловен објект.


Деловната зграда на Еуростандард банка е лоцирана во строгото централно подрачје на град Скопје, надворешно изгледа атрактивно и секако е штета да не се користи од некого. Особено што со текот на времето ако не се одржува, ќе се обезвреднува и “може да ја прегази времето”!
Штедачите треба да ги добијат своите средства, а вредноста на имотот реално да се процени, тоа е нешто кон што треба да се тежнее.

Translate »