Граѓаните се повеќе ги користат повратните Вендинг машини за селективно одложување на отпад!

Првите поставени повратни Вендинг машини, како алтернативни и иновативни можности за одлагање на отпадот, веќе даваат резултати! Граѓаните благодарение на нив селективно ги одложуваат пластичните шишиња и лименки и за тоа добиваат “зелени” поени. Првите 28 повратни Вендинг машини се поставени со поддршка од Владата на Швајцарија, како дел од нејзината заложба за одржливо управување со природните ресурси во земјава. Природните ресурси се ограничени и неповратни, и мора сите ние да се грижиме за нив. Токму овие нови зелени приоритети не поттикнаа да реализираме заеднички разговор со Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман и Филип Ивановски, извршен Директор во Пакомак и универзитетски професор.

Зошто Швајцарија се одлучи да ги поддржи повратните вендинг машини на Пакомак?

Амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман: Швајцарија е искрен и сигурен партнер кој ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Република Северна Македонија уште од 1992 година. Воедно, сме едни од најголемите билатерални партнери кои ја поддржуваат земјата во нејзините напори за заштита на животната средина и за одржливо управување со природните ресурси. Оваа заложба станува сѐ поважна за нас со климатските промени и зголемената потрошувачка на приватниот сектор која го зголемува притисокот врз природните ресурси и истовремено го зголемува отпадот.

Лошото управување со отпадот влијае негативно врз здравјето на луѓето, а и врз животната средина. Затоа и државата сѐ повеќе посветува внимание на одржливото управување со отпадот како еден од водечките предизвици што налага сериозно и брзо да се делува. Следејќи ги приоритетите на државата, Швајцарија одлучи да ја зголеми својата вклученост во овој сектор, меѓу другото, здружувајќи ги силите со владата и ЕБОР за поддршка на развојот на регионалната инфраструктура за цврст отпад и подобрување на неговото управување, креирајќи партнерство со граѓанското општество за зголемување на јавната свест, поттикнувајќи одговорност и ангажман со цел изнаоѓање соодветни решенија за подобрување на управувањето со отпадот.

Одржливиот економски развој не треба да се случува на штета на животната средина и затоа преку нашите интервенции за поддршка на приватниот сектор промовираме зелена економија, одржливо управување со природните ресурси и одговорно управување со отпадот. На пример, Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во развојот на активен туризам, преку зајакнување и здружување на локалните туристички чинители во интегрирана понуда за дестинации како што се Крушево и Брегалничкиот регион. Но, активниот туризам нема да биде атрактивен доколку проблемот со отпадот и користењето на водата не се решат соодветно од страна на властите, а исто така и од самиот туристички сектор.

За да бидеме успешни во достигнување ефикасен одржлив развој, клучно е да се поддржат националните и локалните иницијативи кои ќе бидат носители на промените. Токму затоа, Швајцарија работи со посветени партнери од Северна Македонија како компанијата Пакомак а во интерес на граѓаните. „Пакомак“ веќе има воспоставено механизми за селективно одложување на отпадот, потоа и негово рециклирање, но се’ уште има потреба од подобрувања.
Повратните вендинг машини се засноваат на иницијатива во која корисниците добиваат мала награда за селекцијата на пластични шишиња и лименки. Ваквиот поттикнувачки награден пристап делува мотивирачки за луѓето да селектираат и одложуваат амбалажен отпад. Швајцарија го препознава ова како клучен елемент на интегрираните напори меѓу сите засегнати чинители – Владата, институциите, приватниот сектор, јавниот сектор и донаторите – за понатамошен придонес во процесот на одржливо управување со отпадот.

Како партнерството со Швајцарската амбасада во земјава ќе влијае на ситуацијата со собирање на амбалажниот отпад во земјата?


Филип Ивановски: Многу сме горди и задоволни на нашето партнерство со Швајцарската амбасада во земјава. Горди сме бидејќи пристапија кон нас како потенцијален партнер со кој може да се развиваат современи проекти во делот на управување со отпадот. Задоволни сме бидејќи такви прокети веќе се реализираат, а резултатите се гледаат! И многу битно, проектите ќе се одржливи и по завршување на формалната рамка и ќе придонесат за менување на однесувањето кон отпадот на нашите граѓани.
Со помош на Швајцарската влада, ние сме во процес на дигитализирање и оптимизирање на нашите операции, модернизирање на системот за собирање со возила и паметни сензори, но и креирање систем за препознавање и наградување на граѓаните кои го селектираат амбалажниот отпад, пред се пластичните шишиња и лименките.

Швајцарија е еден од клучните партнери на Северна Македонија во процесот на одржливо управување со отпадот и зачувување на животната средина – како инсталацијата на повратните вендинг машини ќе се вклопи во овие амбициозни цели на земјата?

Н.Е. Вероник Улман: Сите – Владата, институциите, приватниот сектор и граѓаните имаат улога во заштитата на животната средина и управувањето со отпадот. За брзо и ефикасно да се подобри одржливото управување со отпадот, треба да се применат разни нови алатки. Современиот систем за управување со цврст отпад може да вклучува до 20 услуги – почнувајќи од селекција на пластика, до отстранување и собирање пластика, до специјализирани услуги како што се рециклирање на батерии и собирање градежен шут. Секоја од овие услуги може да има корист од иновативноста, ефикасноста и експертизата на приватниот сектор. Во овој контекст, ги гледаме повратните вендинг машини на Пакомак како ефикасна можност за подобрување на изборот за селектирање и одлагање пластика и лименки за луѓето кои живеат во Скопје, Тетово, Битола, Берово, Струмица итн.
Следната година државата преку заемот од ЕБОР и швајцарскиот грант ќе почне да работи на подобрување и управување со регионалните депонии за цврст отпад во целосна согласност со стандардите на ЕУ. Ова ќе бара од општините да ги подобрат процесите на собирање и рециклирање на цврстиот отпад и да ги охрабрат граѓаните селективно да го одложуваат отпадот, истовремено плаќајќи ги нивните сметки неопходни за финансирање на услугите за управување со отпад. Се разбира, ќе треба да се обезбеди транспарентност и отчетност, за граѓаните да имаат доверба во општинските власти и комуналните претпријатија. Ова ќе поттикне широк дијалог меѓу сите засегнати страни за тоа како одржливо да се управува со отпадот и како да се обезбеди одржливост на услугите. Постоењето на повратните вендинг машини ќе придонесе за овој трансформативен процес и се надеваме дека ќе поттикне повеќе луѓе да селектираат и одлагаат пластика и лименки.

Од година во година се зголемува процентот на селектиран и рециклиран отпад. Какви се предвидувањата за 2023 година? Дали сметате дека ќе се забележи ефектот од поставувањето на повратните вендинг машини (ПВМ)?


Филип Ивановски: Точна е вашата констатација! Ако во 2011 сме собрале помалку од 7.000 тони амбалажен отпад, во 2023 планираме да собереме 30.000 тони! Секоја година инвестираме во системот за селекција низ целата земја и посебно сме горди на фактот дека како Пакомак собираме над 6000 тони отпад од стаклена амбалажа или речиси 40-50% од тоа што вкупно се создава во земјава! Тоа е над националната (за сите материјали) вкупна стапка на рециклирање на амбалажен отпад која е околу 35%!
Со ПВМ планираме драстично да ги подобриме стапките на рециклирање на пластичните шишиња и алуминиумските лименки. Од вкупно 28 ПВМ досега, собираме над 350.000 парчиња месечно. Првите 28 ПВМ се поставени со средства од Владата на Швајцарија, а веќе пристигна и втората пратка од нови 28 ПВМ која е финансирана од средства на Пакомак. До крај на годината очекуваме да собираме околу 600-700.000 шишиња и лименки месечно, што е еквивалент на шишињата кои ги има во 40-50 шлепери полни пијалоци за продажба! Она што е можеби и поважно за граѓаните, Пакомак секој месец преку ПВМ и својата апликација ќе им враќа на совесните граѓани кои ги користат ПВМ вкупно околу 300-350.000 денари. Убедени сме дека преку нашите ПВМ, стапката на рециклирање на пластиката и лименките ќе ја удвоиме, можеби уште до 2027. И тоа ќе биде на задоволство и во интерес на сите!

Каков тип на отпад најчесто се одложува преку системот на Пакомак? За колкави количини зборуваме, на годишно ниво?


Филип Ивановски: Системот на Пакомак е создаден за селекција пред се на амбалажен отпад од хартија, пластика, стакло, метал и дрво. Постојат и пакувања кои се комбинации на овие материјали, но и тие се одлагаат во еден од трите контејнери кои ги поставуваме на улиците низ Северна Македонија. Синиот контејнер е за отпад од хартија и композитни (мешани) материјали, жолтиот е за пластика и лименки, а зелениот контејнер е за стаклена амбалажа. Во земјава годишно се создаваат околу 110.000 тони амбалажен отпад од различни типови. Од тоа, Пакомак собира и носи на рециклирање околу 28-30.000 тони или скоро 25-27% од вкупните количини. Но, од тие 110.000 тони кои се создаваат, во Пакомак компаниите-членки (околу 800 на број) пријавуваат околу 48-50.000 тони. Пакомак само со нивните средства ги собира споменатите 28-30.000 тони и ние ќе имаме интерна стапка на рециклирање од 60% во 2023! Националната стапка е помала (околу 35%) бидејќи се уште има многу компании кои продаваат производи на нашиот пазар и создаваат отпад од пакување од тие производи, но никаде не плаќаат или финансираат систем за селекција и рециклирање како нашиот. Според наши калкулации, само 1500 компании се усогласени со Законот за управување со отпад од пакување кој е на сила од 2011 година, а најмалку уште 3-4.000 компании имаат таква обврска. Секако, тие се многу помали од оние кои се во системите како на Пакомак, но сепак учествуваат со 30% во вкупните количини кои ги споменав (110.000 тони н.з).

Кога зборуваме за улогите што сите ги имаме во управувањето со отпадот и зачувувањето на животната средина, институциите, приватниот и граѓанскиот сектор играат улога – но и граѓаните. Што би им препорачале на граѓаните?


Н.Е. Вероник Улман: Треба да признаеме дека секој од нас има важна улога во заштитата на животната средина и обезбедувањето одржливо користење на ресурсите. Значително подобрување може да се случи само ако сите почнат да дејствуваат на поодговорен и поодржлив начин. Колку повеќе ги користиме можностите да селектираме цврст отпад, толку поголема побарувачка создаваме за механизми за одржливо управување со отпадот.
Одржливиот развој не може да се случи ако само половина од засегнатите чинители го водат – важно е да се делува колективно, а сите да ја знаеме и препознаеме нашата улога и обврски – како влада, институции, приватен сектор, граѓански сектор и како граѓани. На пример, како поединец, бидејќи машините на Пакомак се сместени во супермаркетите, можам да ги соберам пластичните шишиња и лименки во мојата торба кога одам да пазарам – да го селектирам отпадот, да ги одложам во машината и да ги добијам зелените наградни поени. Овој едноставен чин може многу да придонесе долгорочно за создавање на одржливи навики кај луѓето.
Правилното селектирање на цврстиот отпад е важен чекор кон циркуларна економија, одржливо користење на природните ресурси, намалено влијание врз климатските промени и заштита на животната средина. Сите мора да бидеме свесни дека одржливото управување со отпадот е активен израз на нашата посветеност да инвестираме во почиста и позелена иднина за доброто на планетата и на нашите деца.
Преку инвестирање во зелени технологии, можеме да создадеме можности кои истовремено се корисни за животната средина и економијата.

Translate »