Преку економско влијание, Кина сака да биде и политички подоминантна во Северна Македонија
Кина е четврти економски партнер на Северна Македонија, a вкупниот надворешен јавен долг кон Кина изнесува 478,6 милиони евра, што е 8,7 % од вкупниот надворешен јавен долг и 3 % од БДП на земјата.
Официјален Пекинг последните години се обидува преку економско зајакнување во регионот на Западен Балкан, па и во Северна Македонија, да има и свое одредено политичко влијание.
Кога се во прашање односите со официјално Скопје, Кина доминира и во стоковата размена, со што Северна Македонија последните години е во длабок трговски дефицит во односите со Кина.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот обем на стокова размена меѓу Северна Македонија и Кина, во првите седум месеци од 2024 година, е на најниско ниво од 2019 година до денес и изнесува нешто над 690 милиони американски долари (690,784,162 USD).
Од нив 80 отсто отпаѓаат на увоз на кинески производи, а остатокот е извоз на македонски производи на кинескиот пазар.
Најдобра е минатата 2023 година, кога вкупниот обем е над една милијарда и сто илијади американски долари (1,196,259,086 USD).
Но, Кина е во голема предност со тоа што пласирала свои производи за десеттина пати повеќе, отколку што тоа го направила Северна Македонија во Кина.
Земјата најголем увоз во Кина остварила во 2021, од 183 милиони американски долари, додека 2022 – само 58 милиони.
Сепак кога станува збор за трговската размена, земјата е во голем трговски дефицит, кој изнесува дури 1:17.
Северна Македонија најмногу увезува од Кина потрошен материјал, електроника, електрична опрема, машини и други производи со повисока додадена вредност, делови и прибор за моторни возила, додека извезува екстрактивни стоки и суровини, односно мермер, феролегури, травертин, но и делови за моторни возила и додатоци.
Инаку Кина е четврти трговски партнер на земјата од 2020 година.
Она што е важно е што проектот за изградба на двата автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ја прави земјата зависна од Кина.
Автопатската делница до Охрид се гради од 2014 година, со кредит од кинеската Ексим Банка, а го гради кинеската компанија Синохидро.
Проектот првично требаше да биде завршен 2019 година, и истиот веќе достигна вредност од речиси 600 милиони евра. Но, Кина и овде гледа бенефит.
Во неодамнешната анализа за македонско-кинеските односи на невладината организација Естима од Скопје, насловен како „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина? – пишува:
„Главната политичка придобивка за Кина во големите инфраструктурни заеми е зависноста во однос на надворешната политика и одлучувањето на земјите приматели визави неа. Во таа смисла, Северна Македонија не е исклучок кога станува збор за стандардниот модел на кинеските договори за заем. Проектот за изградба на автопат ја поврзува Северна Македонија со Кина на асиметричен начин, така што на Кина ѝ дава значителна надмоќ во билатералните односи. На многу нејасен начин содржи клаузули за условите во кои Кина би можела еднострано да го раскине договорот, на кои би можела Кина произволно да се повика доколку одлучи да го стори тоа од политичка причина. Ваквите клаузули би можеле да послужат како моќна алатка за Кина да ги заштити сопствените интереси и да ја спречи Северна Македонија да заземе позиција драстично различна од кинескиот официјален став за чувствителните прашања, на пример, Ксинџијанг, Тибет, Хонгконг, Тајван. Оттука, додека отплатата на заемот во непроблематични времиња не треба да биде причина за главоболка, самата негова економска природа би можела потенцијално да се политизира и да ја доведе земјата во тешка економска состојба доколку Северна Македонија почне „лошо да се однесува“.
Сепак, се додава во анализата, дека договорот за заем, кој го следи кинескиот модел на договор, открива високо ниво на асиметрија, што прави на Северна Македонија да ѝ биде многу тешко да излезе од договорот, кој во последните години стана обврска за нејзините јавни финансии и локалната економија.
„Вкупниот надворешен јавен долг кон Кина изнесува 478,6 милиони евра, што е 8,7 % од вкупниот надворешен јавен долг и 3 % од БДП на земјата. Во делот на инфраструктурата, јавниот долг на Северна Македонија кон Кина претставува мал дел од вкупниот надворешен долг и БДП на земјата“, се вели во анализата.
Од Естима заклучуваат дека (меѓу)зависноста на Северна Македонија од Кина е видлива во три области – трговија, инвестиции и инфраструктурни заеми, но оти Кина досега ја нема искористено како „оружје“ оваа (меѓу)зависност на начинот на кој го користеше својот економски притисок во други земји.
„Причината лежи во граничното балансирање на националните власти кои досега ги почитуваа своите заложби кон западните партнери, без да ги преминат кинеските црвени линии. Сепак, тоа не значи дека трансакцискиот пристап на Кина воопшто не е во игра, бидејќи во изминатите неколку години таа правеше обиди да ги „награди“ со инвестиции земјите со попријателски ставови, имено Србија, а не Северна Македонија како земја со помалку пријателски врски со Кина“.
Сепак, според нив, Кина останува маргинално важен инвеститор во Северна Македонија, далеку зад Австрија, Германија, Грција, Холандија и Обединетото Кралство, како најголеми инвеститори кои сочинуваат околу 50 % од вкупниот обем.
„Очигледно, Северна Македонија не е најатрактивната инвестициска дестинација за кинеските компании. Домашните економски фактори, недостатокот на атрактивна инвестициска понуда и интензивна политичка соработка, цврстиот став на Северна Македонија како западно ориентирана земја, членка на НАТО и земја која преговара за полноправно членство во ЕУ потенцијално претставуваат фактори кои одвраќаат поинтензивно кинеско економско присуство, затоа што наметнуваат одредени ограничувања до кои земјата треба да се придржува. Ова е особено видливо во светлината на остриот контраст со Србија, чие политичко раководство е подготвено да оди чекор потаму и да направи отстапки за Кина и кинеските компании, кои понекогаш ја оспоруваат економската логика, воспоставеното национално законодавство и изгледите на Србија за пристапување во ЕУ“, се вели меѓу другото во анализата.
Но сепак, велат, Кина во ракав има на располагање и економски адути кои би можела да ги искористи во случај на политички последици.
„Доколку одлучи да го забрани извозот на македонски производи, тоа би предизвикало само мала непријатност со оглед на тоа што целокупниот производствен аутпут на македонски екстракти и суровини придонесува да засити само мал дел од кинеската жед за овие производи. Од друга страна, македонските компании извесно време би се мачеле да најдат нови купувачи, особено за вино и феролегури. Оттука, во случај на некакво извозно ембарго од Кина во Северна Македонија, замена за стоката за широка потрошувачка треба да се бара на алтернативни пазари“.
Според македонската Народна банка, на крајот на 2022 година кинеските инвестициски текови изнесуваат 20,42 милиони американски долари, што претставува зголемување во однос на 2020 и 2021.
Сепак, износот на кинеските инвестиции изнесува 2,6 % од вкупниот обем на инвестиции.
И покрај сите обиди кои доаѓаат од страна на Кина, Северна Македонија, како членка на НАТО и кандидат за влез во ЕУ, треба да ја следи позицијата на Унијата, и да биде усогласена согласно нејзините рестриктивни мерки кон Пекинг.
„Државата треба да ги стави во прв ред интересите на граѓаните и кога се работи за меѓународните односи. Интересот на огромното мнозинство на граѓаните се правна држава, демократија, безбедност, социо-економски развој. И сето ова може да се постигне само ако државата останува дел од глобалниот Запад. Неслучајно во темелите на државата се два стратешки интереса – интеграцијата во ЕУ и НАТО, кои го сочинуваат Западот. Ова не значи дека треба да се биде во непријателство со земјите од Истокот. Секогаш постојат заеднички точки кои можат да значат соработка од заеднички интерес. Економијата, културата, туризмот, образованието, се полиња каде земјите може да имаат интерес. Но, таа соработката не треба да задира во темелните интереси и вредности на државата. И во случајот со Кина важи истото: соработка и взаемен интерес да, но без да се задира во основните вредности на државата, во нејзината геостратешка ориентација“, вели за Гласот на Америка политичкиот аналитичар Џелал Незири.
ЕУ, во својата Стратешка перспектива за Кина од март 2019 година, ја означи Кина како партнер во преговорите, економски конкурент и системски ривал.
„Со оглед на сегашната глобална неизвесност, тешко е да се предвидат сите предизвици за кинеско-македонските односи што може да се појават во иднина, тешките политички одлуки што можеби ќе треба да се донесат или насоките во кои би можела да се движи кинеската одмазда доколку во одреден момент одреди дека усогласувањето на Северна Македонија со „Западот“ ги загрозува нејзините суштински интереси. Во исто време, голем број примери ширум светот, укажуваат на фактот дека во последниве години Кина сѐ повеќе прибегнува кон користење на своето економско влијание за постигнување политички цели“, велат од Естима.
izvor: voanews