Дунав се излеа во Будимпешта: Го поплави кејот и стигна до зградата на парламентот
Дунав ги надмина највисоките квоти во Унагрија, особено во главниот град каде уште од вчера го поплави кејот. Денеска состојбата е уште подраматична, водата стигна до зградата на парламентот, поплавен е и центарот на Будимпешта.
Според прогнозите, водостојот на Дунав во Будимпешта викендов ќе го достигне својот врв, околу 850 сантиметри.
Силни ветрови и невообичаено обилни врнежи погодија делови од Австрија, Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Словачка. Најмалку 22 лица загинаа во екстремни временски услови и поплави предизвикани од циклонот Борис во централна Европа.
Орбан: „Ова е најтешка фаза“
Стапи на сила указот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за заштита од поплави, со кој се наредуваа координирани мерки за заштита на целата територија на Унгарија, а Орбан рече дека во тек е најтешката фаза на заштита, која се очекува да трае до следниот четврток.
Врвот на бранот поплави ја погоди Унгарија во вторникот вечерта, изјави Орбан за новинарите, додавајќи дека надлежните служби, армијата, Министерството за внатрешни работи и волонтерите ќе работат на заштита на областите загрозени од бранот поплави од западните делови на земјата.
– Ова е најтешкиот период. Ќе трае околу една недела или осум дена почнувајќи од денеска – рече тој.
Според него, досега се евакуирани 4.392 лица, а најзагрозени подрачја се Пилишмарот, некои делови од автопатот 11 на северозапад од земјата и островот Маргарет, како и метро станицата на плоштадот Баќањи во Будимпешта, каде што управувањето со водните ресурси експертите работат на пренасочување на протокот на вода.
Според указот што го потпиша, активностите во областа на одбраната ги координира министерот надлежен за одбрана од катастрофи, односно министерот за внатрешни работи, Шандор Пинтер.
Владината уредба се однесува на „утврдување на координирани одбранбени активности и воведување одредени мерки во нејзини рамки“.