Грујовски и Бошковски се во бегство
Полициската единица Алфи вчера не успеаа да ги пронајде во своите домови поранешниот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразунавање (УБК), Горан Грујовски и неговиот соработник Никола Бошковски за кои Врховниот суд ја потврди мерката притвор на барање на СЈО, потврдуваат извори од МВР.
Јавноста и експертите и претходно предупредуваа дека тие требаше веднаш да се спроведат во притвор а не да се чека на одлуката на Врховниот суд и да им се остави можност да избегаат.
Грујовски и Бошковски се обвинети во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ на СЈО за нелегално прислушување илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права.
Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд им дадоа недела дена на обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски можност да не бидат дома кога полицијата ќе дојде по нив да ги спроведе во притвор.
Осум дена тие не беа притворени, иако во Законот за кривична постапка пишува дека по изрекувањето на мерката тие веднаш и без одлагање треба да бидат притворени.
Во Законот пишува: „Жалбата на обвинетите не го одлага спроведувањето на изречената мерка притвор“.
Но, место да бидат притворени уште на 18 јули, веднаш штом тричлениот совет на Апелациониот суд Скопје на чело со претседателката Љиљана Шопова им ја изрече мерката, советот им даде пауза на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски од недела дена. Тоа го направи со тоа што во решенијата за мерките притвор, кај секој напиша дека мерката ќе стапи во сила по правосилност на решението.
Тоа значеше дека Апелациониот суд прави преседан и за разлика од сите останати обвинети лица со изречена најстрога мерка на претпазливост, не испрати налог до МВР веднаш тројцата да бидат спроведени во затворот Шутка, туку ги упати да се жалат до Врховниот суд.
Првин два дена Апелациониот суд не можеше да им ги достави решенијата за притвор на Груевски, Бошковски и Јакимовски, обвинетите за незаконското масовно прислушување и за уништување и дробење на опремата со која што биле прислушувани илјадници граѓани. Основниот суд Скопје 1 тврдеше дека од Апелациониот суд Скопје немаат добиено ниту едно од решенијата за притвор и дека не е судот Скопје 1, тој што ја кочи доставата на тие решенија до обвинетите.
Апелациониот и Основниот суд Скопје 1 се оддалечени на 15 метри.