На луѓето треба да им се даде слобода и шанса да го кажат своето мислење
Како еден вработен да напредува, да биде попродуктивен, ако не добива соодветна награда. И тоа не мора секогаш да биде финансиска награда. Грижата за вработените е една од најважните алки за развој на еден бизнис, а сепак тоа ретко го практикуваме! Менаџерите треба добро да ги познаваат своите вработени, да знаат што можат од нив да очекуваат, да поставуваат разумни барања, и да ги мотивираат на најдобар можен начин. Во овој контекст сакам да споделам и една мисла од исклучителната книга за мали и големи “Малиот Принц” од Егзипери – “Ако му дадам наредба на еден генерал да лета од цвет на цвет, или да напише трагедија, или да се претвори во морска птица, и ако генералот не ја изврши дадената наредба, тогаш кој е виновен тој или јас? Од секого треба да се бара она што може да го даде, рекол кралот. Авторитетот, пред се, се темели на разумот. Ако му наредиш на својот народ да се фрли во морето, тој ќе дигне револуција”.
Како ќе се однесува еден менаџер зависи од неговата лична перспектива и перцепција на работите, од тоа колку е изграден како личност, дали има визија за развој на својот бизнис, и секако од неговото домашно воспитување: Колку родителите му засадиле вистински вредности на живеење и работење, како почит, однос со постари и поискусни,трудољубивост, работни навики, бон-тон.
Но, без оглед на сѐ ако некој сака неговата компанија на долг рок да се развива, важно е да се почитува себе си, да ги почитува другите и да прифати дека ако некој е поумен може да донесе бенефит за компанијата. На луѓето треба да им се даде слобода и шанса да го кажат своето мислење.
Р.Р.