Македонски државјанин киднапиран и убиен во Авганистан
Македонски државјанин кој работел како готвач во Авганистан е киднапиран и убиен во близина на Кабул. Авганистанските власти информираа дека во терористичката акција се убиени уште двајца странци. Заедно работеле во кујните на Содексо, светска компанија за храна и кетеринг.
Од Македонското министерство за надворешни работи, ниту го потврдија ниту го демантираа случајот. Велат информациите од таму бавно стасуваат до Македонија. Но, локалните власти од Кабул веќе го потврдија идентитетот на загинатите.
„Индиски, малезиски и македонски државјанин беа киднапирани и убиени. Ги пронајдовме нивните тела“, изјави за Ројтерс Хашмат Станеџаи, портпарол на шефот на полицијата во Кабул.
Според авганистанската полиција, македонскиот државјанин имал 37 години и патувал на работа со локален шофер. Заедно со неговите колеги биле киднапирани во периферијата на Кабул, а подоцна телата им се пронајдени во автомобил оставен во областа Мусаши.
До сега, ниту една терористичка група не прифати одговорност за нападот. Инаку, киднапирањето во Авганистан од страна на милитантските групи е голем безбедносен проблем, а освен локалното население, на мета најчесто им се и странци, за чиј живот потоа бараат и скап откуп.