Љубомората е признание што просечните им го даваат на генијалците

Ако немам јас, ќе нема и тој!  Ќе направам се, за да му ги расипам плановите.. ако јас веќе не заработувам, нема ни тој, коментар на скопски бизнисмен во неформална комуникација. Огорчен поради својот неуспех, гневот завидливо го фрла на друг, демек така ќе му биде полесно, а не да прифати дека него не го бива! Ситуации присутни не само во бизнисот, туку и во секојдневниот живот, најчесто непоткрепени со факти и вистинско образложение зошто некој друг е виновен, и кои најчесто се сведуваат на река од зборови, повторно и повторно.Да му умре козата на комшијата…

Зависта не е чувство кое е карактеристично само за македонците, ниту од нашиов крај потекнува, туку е општ феномен со длабоки психолошки, социолошки корени, присутен насекаде. Феномен кој се храни од нашата несовршеност, необразованост, комплекси и фрустрации, појава особено честа во сиромашни средини каде луѓето немаат работа, исполнет ден, вишок на слободно време кое ги поттикнува да се занимаваат со другите. Но, зависта е присутна и во урбаниот свет, кај луѓе со факултетско образование, кои како оправдување на својата мрзеливост, се она што некој друг ќе го направи, го гледаат со потценување и потсмев, наместо да ги засукаат ракавите, и да излезат од својата секојдневна рутина, просечност и зачмаеност, коментираат што некој напишал, кажал, наместо да се занимаваат со себе и своите дела.

Љубомората е најстариот облик на грев! Најлошо е кога љубомората и зависта се појавуваат меѓу оние кои се блиски, од кругот на семејството, колеги, комшии, што ги прави последиците уште посериозни.

Уште поинтересна е нашата несвесност за тоа негативно чувство, и фактот дека никогаш не прифаќаме дека и ние понекогаш сме такви,  кој поретко, кој почесто. Зависта, хипотетички и не би била лоша, кога од констатацијата дека некој има, или успеал, би не натерале да се подобриме, да се разбудиме од летаргичноста, и да излеземе од стереотипноста, и кога би предизвикала некакво инаетливо чувство за да ги подобриме работите кај себе.

Но за жал, завидливоста носи само лошо.Не делува стимулативно, не поттикнува туку напротив, придонесува да тонеме во малограѓанство, провинцијализам и самобендисаност. Зависта е како вратоврска која стега, се повеќе и повеќе и не гуши! Затоа да се потрудиме да ги совладаме своите карактерни мани пред тие да не сoвладaaт нас?

Зошто на натпревар, кога противникот е подобар, и кога ќе не победи да не му оддадеме признание дека е подобар, и да го наградиме со аплауз. Зошто кога некој ќе напише нешто убаво да не му дадеме еден лајк! Ако некој успеал, да ни биде пример. Зошто да не пофалиме. Први сме за критики и негативни забелешки, а најчесто воздржани за пофалби. Зошто да не се угледуваме по доброто!

Можеби сум непоправлив оптимист, и човекољубец, но искрено верувам во добрината на луѓето, која само треба да биде поттикната. Да не дозволиме да бидеме дел од масата, или само една овца од стадото. Бидејќи како што рекол Фултон Шин „Љубомората е признание што просечните им го даваат на генијалците.“

 

Translate »