Ѓорѓи Самарџиев-FOJA: Потфрливме во квалитетот на домување, зеленилото исчезнува за сметка на урбани зданија

-Проектираните паркови околу зградите во најголем број случаи завршуваат како паркинзи или било какви содржини. Зградите во населбите се сѐ погусти, улиците се помали, недоволно место за паркирање и се на сметка на зеленилото, – вели сопственикот на Градинарскиот центар Фоја, Ѓорѓи Самарџиев, според кого тајната на убаво уредени градини е во правилното одржување. 

 Хортикултурното уредување на просторот околу нас, дворовите, терасите, улиците, парковите, се чини се повеќе место му отстапуваат на урбаниот неред, а просторот за зеленило се стеснува. Колку денес луѓето имаат навика да го озеленуваат својот слободен простор, колу се интересираат за стручен совет и колку користат услуги за соодветно уредување на индивидуалниот или заедничкиот зелен простор разговараме со Ѓорѓи Самарџиев, сопственик на семејната компанија Градинарски центар ФОЈА.

Ѓорѓи Самарџиев – Градинарски центар и расадник ФОЈА

 -Интересот за озеленување на просторот околу станбените единици секогаш постоел, иако оваа работа се вбројува во зона на луксуз. Долги години хортикултурата ја развиваа јавни претпријатија и сега, иако се менува менталитетот сѐ уште повеќето сметаат дека е скапо купувањето на растенијата, косењето, расадувањето… Сѐ уште овие услуги не се докрај афирмирани, бидејќи сепак е еден занает што заслужува професионално внимание. Но, за жал како денес стојат работите, не секој професионалец може да дојде до израз поради зафаќање со одредена работа на различни луѓе. Но, ФОЈА ги охрабрува и им стои на располагање на сите заинтересирани сопственици на градини за упатство, совет и едукација како да си го одржуваат зеленилото. Даваме совети за се што знаеме за хортикултура или поврзаност со некое растение,“ вели нашиот соговорник Самарџиев, дипломиран шумарски инженер. Човек кој за себе вели: „талент или гени- секогаш ја сакав земјата.“ Уште од најраното детство се интересирал за растенијата во дворот, експериментирал, садел, одгледувал заедно со баба си.

Полнолетство

Самарџиев, бизнисот го започнал пред 18 години заедно со својата сопруга и уште еден колега (кој и денес работи во компанијата). На почетокот нуделе сервисни услуги и уредување на дворови. „Пазарот го пробивме прво со услуги, а потоа и како градинарски центар- со многу работа, многу изодени километри. Оваа дејност е малку неблагодарна, бара физички труд, сила и издржливост и е врзана за обработка и користење на земја – градење. Тоа е едниот и вториот неблагодарен момент е што нашиот труд не е ‘траен и вечен’. Бара континуирано одржување. Тоа е жива материја и секогаш напомнувам дека може да вложите големи средства за уредување на дворот, но ако не се одржува тоа е џабе. Многупати (можеби, понекогаш и по наша грешка) се случува и покрај тоа што не е наша вина, чисто колку да си го задржиме кредибилитетот и реномето ние да го сервисираме проблемот, најчесто со загуба за да нема незадоволни клиенти“, објаснува Самарџиев.

Подоцна изнајмиле локација и започнале со увоз на растенија и продажба, но сепак главна дејност и понатаму им е уредување и одржување на дворови.

Оваа година „ФОЈА“ го слави своето полнолетство со околу 40-ина вработени. Денес овој градинарски центар и расадник се простира на околу два хектари во атарот на Скопска цементарница. „Во еден дел произведуваме растенија, претежно во саксии- два до три литри, додека во градинарскиот центар имаме широк асортиман на растенија од сезонски цветен расад, перени како божури, хризантеми -трајни цветници, декоративни зимзелени и цветни грмушки, топијарени форми (растенија скроени во некаква форма –лаванда, ехинацеа), собно цвеќе. Како бројка во текот на една годината низ нашиот центар поминуваат повеќе од 500-тини разни видови растенија, а како количина на садници различно во различен период.“ Вака сопственикот го опишува асортиманот во Градинарскиот центар во кој вработените покрај грижата за сите овие растенија изведуваат уште бројни активности и интерно, но и целосни хортикултурни проекти за клиентите.

Самарџиев, објаснува дека хортикултурното уредување е фаза која најчесто следува на крај во изградбата на еден објект и кога треба да се прават комбинации како да се уреди дворот со помалку средства. Затоа тој на градини им препорачува да го уредат својот двор со соодветен проект, што подразбира правилно распоредување на растенијата. Во смисла да користат помали и соодветни култури за местото и позицијата и доколку станува збор за поголема површина задолжително вградување на систем за полевање, што ќе го олесни одржувањето во иднина.

„Во принцип за да има еден двор хармонија, мора да има рамнотежа, комбинација од зимзелени и листопадни растенија. Всушност тоа што го гледаме во природата се трудиме да го пресликаме и во дворот, иако некои од нив треба да бидат посебно стилизирани во зависност од тоа дали е деловен објект, дали тоа го бара самата архитектура. И секако во зависност од желбата на клиентот и од амбиентот на самото место“, вели сопственикот на ФОЈА.

Адекватно,  адаптибилно и декоративно уредување

-Во секој случај се држиме до едно правило: проектот да биде адекватен,  адаптибилен и декоративен. Прво растенијата треба да бидат соодветни на просторот, да не пречат на визури, да ја следат линијата на архитектурата на објектот, партерот,  движењето, погледот. Потоа да бидат адаптабилни од сите аспекти, пред се на климатските влијанија (топлина, влажност, светлина) на тој простор и на крај сето тоа да биде декоративно, убаво за око…И секако многу е важна наобразбата на клиентот- полесно сѐ поминува со луѓе кои имаат некакви минимални познавања, отколку со оние кои имаат само очекувања“, дополнува овој вљубеник во хортикултурното уредување.

Кога е во прашање соработката со градежните компании за озеленување на просторот околу новите урбани зданија, Самарџиев признава дека нашата забелешка за се помалку индивидуални зелени дворови во Скопје е на место. „Сведоци сме како исчезнуваат зелените површини за сметка на урбани зданија. И на таа тема нема милост, во најголем број случаи проектираните паркови завршуваат како паркинзи или други содржини. Ако зградите кои се граделе во 80-те, 90 –те години со зелени површини околу нив се споредат со денешните има потфрлување во квалитетот на домување. Имаме се погусти населби со згради, се помали улици, недоволно место за паркирање и се на сметка на зеленилото. Според законската регулатива за градење има одреден коефициент што треба да опфаќа зеленило во однос на станбениот простор, но тоа се помалку се почитува.

Факт е дека станарите се трудат на секое слободно парче што им останува да стават жандањера или да посдат нешто. Наша препорака е кога има што помало парче на земја да биде посадено со дрвја, бидејќи на тој начин успеваме од мала земјена површина да создадеме поголем волумен на зелена лисна маса, да компензираме на некој начин за просторот.

Инстант екстензивни кровни градини- семпервел

Според Самарџиев интересот кај граѓаните за уредување на делот што излегува надвор од нивниот дом–тераса на кат,  кровна градина, двор е во подем.

И конкретно на оваа тема, нашиот соговорник има со што да се пофали: „ Во 2020 започнавме еден проект со ФИТР за изработка на модул –гајба која се користи за подигање на инстант екстензивни кровни градини- семпервел.“ Практично Фоја стои зад индустрискиот дизајн на таа гајбичка, или како што вели Самарџиев: „Направивме специјален калап за изработка на тие гајбички. Произведовме 12 000 и во нив засадивме перени кои бараат минимлано одржување. Во основа кога растенијата обраснуваат 80 отсто од просторот на гајбичката, се подготвени за поставување на објект.“

Практично Фоја на 5. мај минатата година (2022) ја изградила првата македонска екстензивна градина на кровот на детска градинка во Прилеп. -Сега овој наш производ, раскажува Самарџиев, – е во фаза на комерцијализација.“ Тие веќе имаат договор за изведба на кровни градини по овој систем на дел од новоизградените згради зад Скопје Ист Гејт.

Тој објаснува дека подготвуваат и нова, посовршена верзија од овој производ, којшто полесно ќе се составуваат во однос на првишниот модел. Овој систем за екстензивни кровни градини го рекламираат и во Европа, и начелно се во преговори истиот да влезе во производство и намена во некои европски држави (производители од Чешка и Словачка) кои се бават со подигање на кровни градини.

Тајната на убаво уредени градини е во правилното одржување

Инаку, како што вели нашиот соговорник -тајната на убаво уредени градини е во правилното одржување. Правилниот избор на растенија, посветеноста и навременото одржување е рецепт за градина со полн сјај, која плени воздишки.

Кога се отвораат нови канцеларии, јавни објекти, па и некои станбени единици, вообичаено се уредуваат и хортикултурно, но се потфрла подоцна, бидејќи нема соодветно лице кое ќе ги одржува. „Имајќи го предвид тој аспект, советуваме поиздржливи лиснати растенија соодветни за просторот, “ додава Самарџиев.

Инаку ФОЈА има изработено и вертикални градини со живи растенија за една компанија и во еден приватен стан.

Сега има повеќе градинарски центри во градот. Има и конкуренција на пазарот, меѓутоа кога е во прашање кадарот – тешко се снаоѓаат.

„Работата е специфична и сезонска и тоа е еден недостаток. Во секој случај зимските месеци се попроблематични, иако последниве години беше топло. Во пролет и 100 вработени не се доволни. Но, бизнисот не може така да се креира, затоа настојуваме помалку да се потпираме на сезонци. Практично сите што го положуваат испитот, односно што го научиле занаетот, што покажуваат добри квалитети во работењето, сакаме да ги задржиме без разлика дали во моментот има работа или не. Едукацијата во Фоја е само три дена практична работа- барабар со поискусните работници. Ако видиме дека работникот има интерес и физичка кондиција, иако не го познава занаетот го пријавуваме и во наредните месеци се надградува,“ објаснува Самарџиев.

По однос на прашањето, како да се дојде до повеќе зелени површини, повеќе воздух во овој урбан неред?–Самарџиев е јасен: „сите сакаме да имаме убаво уреден зелен простор. Прашање е колку сме спремни тоа самите да го направиме и одржуваме или да платиме друг, тоа да го направи за нас. Исто така и зеленилото и паркот е дел од партерната фасадата на објектот и влијае на неговата вредност. Но, не сите градежници можат да го видат хортикултурниот лик на просторот, што најчесто го сметаат за товар, а не потреба за објектот.“

Гледано низ призмата на хортикултурата, локалните власти вложуваат во уредувањето на своите општини, минуваат многу тендери за скапи проекти, меѓутоа голем процент од јавните тендери врзани со зеленило во Македонија се конспиративни. Навидум многу пари се вложуваат во зеленило, но за жал повеќето проекти се бизарни, несоодветни, или со недоволно познавање за нивното правилно позиционирање и одржување…Проектите што ги имавме некогаш и кои значат квалитетно домување, живеење, стандарди за еден град-ние ги уриваме. Во повеќето случаи тоа се доживува како обврска, а не како потреба, па крајниот исход пак е „бетонизиран“, ..

Според Самарџиев, сите следни проекти – тендери треба да бидат насочени кон одржување и сочувување на ова зеленило што го имаме. Да се користат оптимални решенија и сервисни услуги на повисоко ниво за одржување на постоечкото зеленило и паркови и постепено да се инвестира во нови.

izvor Antoris.mk

Translate »