Асертивност: Клуч до рамноправна и љубезна комуникација-психолог Драгана Батиќ
Сетолете Тотал како вистински борец за добрата комуникација направи кус разговор со психологот Драгана Батиќ а
Дали некогаш сте помислиле за важноста која ја поседува вашето грло? Грлото ни дава моќ да се охрабриме, да се бориме за своите идеи, да се грижиме за најблиските, да го мотивираме тимот. Септолете Тотал ја слави моќта на здравото грло и заедно со Драгана Батиќ по професија психолог, психотерапевт и професор на Факултетот за безбедност во Скопје, разговаравме за важноста на љубезните зборови кога сакаме да застанеме зад нашите ставови, кога сакаме да соопштиме нешто или едноставно квалитетот на зборовите кои ги бираме во секојдневната комуникација.
Септолете Тотал: Љубезноста и убавиот начин на говор не секогаш нè осигурува дека ќе бидеме во добри односи со сите, од проста причина што луѓето и не секогаш умеат или сакаат да ни возвратат на ист начин како сме им се обратиле. Конфликтите може да се создадат од најразлични причини, но она што е важно е што правиме и како разговараме кога сме во конфликт со некого? Дали се караме, викаме, прекинуваме комуникација? Како да го кажеме тоа што го сакаме, а да не го навредиме другиот? Како да бидеме асертивни? Ова прашање често ни се поставува во ситуации кога другите луѓе нè напаѓаат и изразуваат агресија кон нас.
Драгана: Асертивност е поим кој во последно време сè почесто се користи за да означи вид на самодоверба, енергичност, самоконтрола и пробивност која ни е потребна, особено кога се соочуваме со агресивни личности. Потекнува од англискиот збор „assert“ – да се изразат сопствените права и потреби, а притоа да не се биде агресивен.
Од друга страна, агресијата е вид на однесување кога се манипулира со друга личност, не се почитуваат правата на другите, се влошуваат проблемите на работното место, се затвораат нови солуции, што создава непочитување и на клиентите и на колегите и предизвикува ескалација на конфликтот. Соочени со туѓата агресија, често се чувствуваме исплашено и некомпетентно.
Асертивност е вид однесување кога не се манипулира со туѓата лутина, се поддржуваат туѓите права, се овозможува себеси контролирање на ситуацијата и се отвораат нови солуции.
Ваквото однесување придонесува другите да нè почитуваат и да чувствуваме самодоверба и компетенција.
Септолете Тотал: Кои се предностите на асертивното однесување?
Драгана: Асертивните луѓе почесто од другите го добиваат тоа што го сакаат затоа што се вистински борци. Притоа се почитуваат и себеси и другите. Тие знаат како да се контролираат и релативно добро се снаоѓаат во конфликтните ситуации, затоа што не се плашат да го изразат своето несогласување. Кај нив е најважно што знаат како да го санираат стресот. Дури и кога со другите се во конфликт, тие не губат верба дека решение постои. Веруваат во себеси и во другите, подготвени се да преземат одговорност и ризик, но и да ја споделат победата. Способни се да ја смират ситуацијата и да создадат нови решенија.
Септолете Тотал: Кажете ни преку примери што точно подразбира поимот асертивност
Драгана: Асертивноста послободно може да се дефинира како борба за своите права. Тоа значи да се држиме цврсто за тоа што го сакаме, притоа наведувајќи ги своите потреби. Тоа значи да се искаже несогласување кога не се согласуваме. Асертивност е изразување на чувства, мислење, потреби, без игнорирање или повредување на мислењето, чувствата и потребите на другите. Тоа бара храброст и значи да се конфронтираме со другите.
На пример, колега на работа стално ни упаѓа во збор. Агресивен начин би бил : „Добро колега, сакате веќе еднаш да престанете да ми упаѓате во збор, навистина сте напорен“.
Асертивно, можеме да кажеме: „Колега, лута сум кога ми упаѓате во збор зошто не можам да кажам тоа што сакам. Би сакала да ме сослушате бидејќи Вашето мислење ми е важно“.
На некои луѓе асертивното однесување им е потешко отколку на другите, заради нивниот животен стил кој подразбира дека сакаат да им се допаднат на другите, па затоа често не го изразуваат своето мислење ако тоа не се согласува со мислењето на нивниот соговорник.
Септолете Тотал: Сето ова звучи многу едноставно да се теоретизира, но во пракса работите и не се толку едноставни. Па од тука, тргнувајќи сакав да позборуваме за потенцијалните пречки кои не ретерираат за да бидеме асертивни
Драгана: Иако пречките за асертивност се индивидуални и зависат од конкретната ситуација во која лицето се наоѓа, се наведуваат следните пречки:
Анксиозност – луѓето се плашат да покажат знаци на анксиозност поради стравот да не бидат исмеани и отфрлени. Најдобриот начин оваа пречка да се надмине е признавање дека постојат знаци на анксиозност. Тогаш ќе видиме дека не сме сами, дека и другите слично се чувствуваат.
Скромност – неспособност за увидување и искажување на своите предности, неспособност да се прифати комплимент и неспособност комплиментот да се упати на некој друг. Сето ова го спречува лицето да биде асертивно.
Неоткривање како се чувствуваме – овој феномен подразбира сфаќање дека луѓе кои ни се блиски однапред ги знаат нашите мисли, чувства и потреби. Ова е чест проблем во односите, бидејќи никој не знае што мислиме и што ни е потребно доколку не кажеме .
Обврзување – овој фактор се манифестира со премолчување и занемарување на сопствените потреби затоа што лицето мисли дека некому му е должно или дека така е правилно.
Родова улога – некогаш луѓето се однесуваат во согласност со својата родова улога т.е. онака како што очекува социјалното опкружување. Ова е поизразено кај жените кои почесто попуштаат и не се борат за себеси затоа што не сакаат да бидат критикувани и на ударот на околината.
Важноста и силината на проблемот – понекогаш е ризично да се бориме за своето право дури и кога мислиме дека тоа е од суштинска важност за нас. Со оглед на можноста другите да ги отфрлат, луѓето ретко се одлучуваат за овој чин.
Во комуникацијата треба да се користи нормален, не емоционален тон. Треба да звучиме одредено и убедливо. Она што мора да го имаме на ум, за да избегнеме конфликтна комуникација, е да избегнуваме разговор кога сме нервозни, лути и сл. На тој начин, ќе можеме да ги контролираме емоциите и ќе ги избегнеме стресните ситуации.
***
Неколку совети и принципи на асертивното реагирање:
1. Јас имам право да се изразувам себеси сè дотогаш додека со тоа не ги загрозувам другите.
2. Кога се заложувам за своите права јас се почитувам себеси и другите ме почитуваат.
3. Со јасно изразување на своите права и потреби јас преземам одговорност за себе и не ја префрлувам на другите.
4. Доколку не им кажам на другите како нивното однесување делува на мене, им ја ограничувам можноста нешто да сменат.
5. Жртвувајќи ги своите права и потреби, им давам дозвола на другите да не водат сметка за мене.
6. Колку повеќе сум слободна да се залагам за себе и тоа право да им го признавам на другите, толку добивам повеќе од животот.
7. Недозволувањето на другите да дознаат како се чувствувам, е еден начин на контролирање на другите
8. Кога правам за себе она што мислам дека е во ред, се чувствувам подобро и градам поавтентичен и позадоволителен однос со другите.
Листа на основни асертивни права:
Имам право:
- да дејствувам со цел да го подобрувам својот углед и самопочитување, сè додека со тоа не ги загрозувам правата на другите;
- да го барам тоа што го сакам;
- да ги кажам своите идеи;
- да згрешам;
- да се обидам повторно;
- да се премислам;
- да бидам третиран со почитување;
- да кажам „НЕ“;
- да се жалам кога нешто не е фер;
- да бидам горд на себеси и своите успеси.