Илина Арсова – За патувањата, новите предизвици и исхраната во екстремни услови

За мене патувањата се важен дел и предизвик во животот, за кои сум мечтаела и пишувала уште во есеите и писмените задачи во основно училиште. Речиси никојпат не терам класичен туризам бидејќи патувањата се поврзани со некој планински поход, или професионален ангажман од областа на ликовното творештво. И самата работам како туристички водич, но кога патувам претпочитам во сопствена организација, понекојпат “тотална импровизација” да го откривам патот кон непознатото и новите авантури. Истиот став го имам и кон планинарењето заради неколку причини: Искачувањето на одреден врв со водич е поскапо, полесно и во наметнато ограничено време. Додека одењето сам или со соодветно друштво/ партнер ни дава многу поголема слобода и интимност со планината, а достигнувањето на врвот се смета за по чисто и се вреднува на повисоко ниво.

Годинава започна да не речам “плодно” во однос на откривање нови дестинации и секако психо – физички тренинг за планина. Во Јануари 2018 веднаш после Божиќ, заминав за Русија на покана од мои пријатели со кои спроведував обука за зимски техники во планинарењето. Со задоволство ја прифатив поканата иако ме демнеше предизвикот за преживување на екстремни температури со шатор при 10 дневна ски-туринг обиколка на студениот Урал. Температурите навистина беа ниски и владееше постојан студ со константни -20 до -30 степени, дури и за време на сончевите денови. На враќање, во Москва се сретнав со нашиот режисер Иван Поповски, пријател и соучесник во борбата против уништување и урбанизација на Охридското езеро, поддржувач на граѓанската иницијатива Охрид SOS.

Веднаш потоа заминав на едно долго посакувано патешествие на самоспознавање и унапредување на искуствата поврзани со планинарскиот свет, низ Перу и Еквадор, Ј.Америка.

Во речиси три месечниот престој како волонтер во неколку организации,  запознав еден нов прекрасен народ и пејзаж кој го одзема здивот создаден меѓу пустина и тропска прашума, каде на средината се издигнуваат  прекрасните Анди и Кордиљера Бланка, втор најголем планински масив на светот.

Запознав мои истомисленици и мисионери за промоција на планинските спортови и еколошкиот активизам.  Качував карпи, и со оглед на дождовната сезона која не дозволуваше искачување на глечерските планини, среќна сум што успеав да качам два нови врвови со висина над 6000 метри.

Како ликовен уметник оставив потпис во форма на мурал на ѕидовите од неколку хостели во Перу и Еквадор.

За проектот “7 summits”

Секоја достигната цел претставува помала алка во остварувањето на некоја  поголема цел. Така и овие подготовки кои повеќе од десет години ја поттикнуваат динамиката на мојот живот, се важно искуство и подготовка за реализација на еден сон, светскиот високогорски предизвик “7 summits” од прва жена на Балканот.

“7 summits” или 7те врвови на 7 континенти, вклучува искачување на највисоките планини на секој континент. Следствено за С. Америка е врвот МекКинли или Денали висок 6195 метри и се наоѓа на Аљаска и го искачив во Мај 2016 година во придружба на охридскиот планинар Филип Василески.

За Ј. Америка највисок е врвот Аконкагва 6963 метри, кој го искачив сама (во соло стил), Март 2011

Во Африка највисок е врвот Килиманџаро, 5985 метри, кој го искачив во Март 2012 како лидер на 5 члена македонско – српска екипа.

Највисок врв на Европскиот континент е Елбрус висок 5642 метри се наоѓа на Кафказ, Русија и го искачив повторно сама и во ски телемарк стил, во јуни 2014.

Највисок врв на Азија и на светот е Монт Еверест висок 8848 метри, на Хималаите, кој го искачив со експедициската група на Тим Мосдејл во Мај 2013.

Остануваат уште две планини за комплетирање на предизвикот и тоа: Карстната пирамида или Пунџак Џаја 4884 метри, највисок за Австралија со Океанија и е предвиден за искачување оваа година.

И како последен и екстремно захтевен е врвот Винсен на јужниот пол, висок 4892 метри. Имено на светот има само 60тина жени кои го реализирале овој проект и за сега ниту една од Балканот.

Фото: Вулкан Chimborazzo, најблиската точка до сонцето

За исхраната / Илина и Виталија

Виталија е мој партнер во многу досегашни подвизи уште од 2011 година, при искачувањето на за мене една од најтешките и најубавите планини, Ама Даблам или “мајката со гердан” 6856 метри во Непал (Ноември 2011), заедно со Илија Ристовски.  Виталија својата поддршка ја дава и за конечно остварување на проектот 7 врвови на 7 континенти.

6 тиот по ред е врвот Пунџак Џаја, експедиција која опфаќа поминување на џунгла и искачување на карпа во последниот дел од планината со висина од 1500 метри. Оваа експедиција предвидена за април годинава заради недостаток на средства ќе се одложи за неколку месеци подоцна.

Виталија располага со навистина голем  асортиман на производи и професионални нутриционисти  што уште повеќе ја задлабочи нашата соработка во последната година. На последното патување понесов производи полесни за транспорт кои не ме изневерија со својата ефикасност и енергија.  Сепак, убавината беше во тоа што латинска Америка располага со богатство од слични производи достапни на пазарот што можев да ги комбинирам или конзумирам во замена.

Би ги истакнала следниве производи како мои верни пријатели на секојдневието:

  • Киноа, се конзумира како супа, салата или утрински напиток, одличен појадок во комбинација со авокадо сендвич.
  • Кокосовото масло на виталија го користев освен во исхраната и како масло за кожата и косата оштетени од прекумерно изложување на силен ветер, сонце и температурни разлики.
  • Протеинските барови на виталија, одлични за било каква спортска активност и со најразлични вкусови. Најомилени ми се со прелив од бело чоколадо.
  • Мусли и гранули, супер енергетски појадок, брз за подготвување и повеќе часовно чувство на ситост.
  • Таан, мед и полен, за одржување и зајакнување на имунитетот, препорачливо наутро пред појадокот со чаша чај Имуновит.
  • 4 семиња, комбинација од лен, сусам, коноп и тиква, кои може да се конзумираат како додаток во било која храна. Ова се состојките кои професорот по спортска медицина Ванчо Поп Петровски ми ги препорача како основен извор на масни киселини, уште за време на експедицијата на Еверест 2013 година и оттогаш наоѓам начин за нивна редовна примена.

За исхраната, навиките и животниот стил

Велат треба 21 ден за да створиме навика, а 9 месеци за да креираме животен стил.

Среќна сум што имам фамилија која ме поддржува, но и ме едуцирала кон стварање на добри навики. Мојата мајка е лекар и хомеопат со темелни познавања на културата за здрава храна и здрав живот.

Кога бевме мали некогаш негодувавме што дома немаше никакво чоколадо освен она за готвење, што тогаш единствено го имаше во продавница во замена за денешните темни чоколади. Во фрижидер никојпат немало складирано кечап, мајонез, кока кола и слично освен за некој роденден или гости. Не го поднесував мирисот на ладните цедени масла и бевме презаситени од домашните задачи на фамилијарно чистење свежа боранија и грашок во големи количини за зимата. Денес сум навистина благодарна што овие работи влијаеле во формирање на мојата личност и одредени позитивни навики останати до денес.  Благодарна сум што и денес кога одам дома се негува традицијата на готвење леќа, грав, турли тава, карфиол и други традиционални манџички со голема хранлива вредност.

Искушенија и храна за мозок

Не сум човек што практикува брза храна, но имам свои гурмански слабости и искушенија кои не ми пречат до толку за да ги искоренам. Ќе почнам со повремената пасија за утринско кафе и чајни бисквити кои најчесто се именувани со женско име различно од земја до земја на пр. Марија, Маргарита и сл.

Понекојпат исто така имам луда потреба за кикирики, шеќер во било каква форма и поретко но присутно е неодоливото посакување на некое пециво или лиснато тесто секојпат кога ќе поминам покрај убаво уредена и примамливо миризлива пекара.

Во јужна Америка добив донекаде позитивна замена за благо со огромниот избор на свежи овошки. Бев прилично зависна од киноата што ја продаваат женичките наутро како топол напиток, иако понекојпат беше премногу засладена. За слатко задоволство еден од омилените закуски ми беше еден за нив типичен сутлиаш што го продаваше стариот брачен пар на нашата уличка во Хуараз. Оризот присутен во речиси секој оброк е добра замена за леб и тесто, сепак при носталгија за нашите пекарски специјалитети одбирав некоја “емпанада” (затворено тесто полнето по избор со сирење, зеленчук или месо).

Препораки до сите номади и авантуристи

Патувањето како волонтер е одлична можност за стекнување искуство и соживот со локалното население истовремено е економичен начин на патување. Да се биде корисен и да се помогне она што треба, додека запознаваме нови светови, јазик и култура. Освен географски посетата на нов континент би ја нарекла и автентична гастрономска авантура.

 

 

Translate »