Села: Монитор од компјутер летна кон мене, а потоа ме фатија за главата и ме удираа со рацете
Пратеникот Зијадин Села во сведочењето пред судот рече дека гневните напаѓачи фрлиле директно кон него монитор од компјутер и копје од знамето пренесува Макфакс.
„Кратко потоа почнав да се зашеметувам“, се присетуваше Села на нападот од 27 април.
„Бев во прес-салата, лево од говорницата, кога влезе толпата. Пред мене беа колегите Реџаил Исмаили и Сурија Рушити. Толпата извикуваше ‘предавници, ќе ве убиеме, каде ќе одите?’ Јас слушнав само ‘Села каде ќе одиш, ќе те убиеме’“, рече Села.
Додаде дека врз главата му паднала и една од штиците што ги фрлале кон нив. Села раскажа дека кога двајцата пратеници не биле повеќе пред него, тој бил директно изложен на толпата.
„Откако Рушити и Исмаили излегоа, ме удираа кратко време, ме фатија за главата и ме удираа со рацете“, рече Села.
Тој го препозна обвинетиот Игор Југ. Рече дека бил ќелав и со брада, а во собраниската сала влегол меѓу првите.
„Пцуеше и викаше“, се присетуваше Села.
„Друго лице од толпата имаше очила на главата и носеше кожено елече. Тоа лице, откако изгубив свест зашто немаше воздух и бев повреден, ми пријде и рече: ‘Еве го Села. Ајде Села’. Последните удари на кои се сеќавам беа во главата и телото“, сведочеше пратеникот.
Во кривичниот суд денеска продолжи рочиштето за напаѓачите на пратеникот Зијадин Села. На обвинителната клупа повторно седнаа обвинетите Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра, како и Кире Ѓоргиевски и неговиот татко. Последните двајца беа уапсени во мај минатата година, како осомничени за физички напад и влечење на Села, кој потоа во критична состојба заврши во болница.
Од Собранието ме изнесоа маскиран како повреден полицаец, рече Села
„Ме сместија под едно биро. Со Алими беше и друго лице кое штом почна да влегува полицијата ми рече: Ако те пршаат кој сум, кажи им дека ти помагам. Сигурен сум дека тој беше од толпата, ама ми помагаше“, продолжи Села со сведочењето, потсетувајќи се настаните во Собранието на 27-ми април.
Тој веднаш се јавил кај неговата сопруга да и соопшти дека е жив, а на полицајците кои влегле во просторијата им кажал дека лицето до него му помагало.
„Ми облекоа дуксер од човекот кој беше во собата и ми дадоа полициска значка. Ме маскираа како повреден полицаец и почнаа да викаат: Повреден полицаец, повреден полицаец! Ме маскираа за да не ме познаат“, се сеќава Села.
Ексминистерот за здравство, Никола Тодоров, побарал да го префрлат во Градската болница, но лекарот кој бил во комуникација со неговиот сопартиец, Арбен Таравари, одлучил да го однесат на Клиничкиот центар.
„Тодоров реагираше нервозно и рече: Правете што сакате, па замина. Ме ставија, колку што се сеќавам во хермелин, Ме однесоа на КАРИЛ. Поради хеморагијата бев во животна опасност и не се знаеше дали ќе преживеам“, раскажа Села.
Села се потсети и за една, како што ја нарече, наводна новинарка, која цело време го снимала во лицето.
„Разговараше на телефон, покажуваше кон мене и нешто се договараше. Пред да се случи упадот, таа ме следеше, излезе напред и рече никаде нема да одите, сега ќе видите што ќе ви се случи. Мене не ми дозволува културата да фатам женско и да ја тргнам. Во тој момент се вративме и влеговме во прес-салата. Таа цело време ме следеше со едно лице со фантомка и разговараа гледајќи кон мене“, раскажа Села.
Кога неговиот 8-годишен син ја чул веста, ја прашал мајка му: Што му се случува на тато?, рече Села и додаде дека и ден денес прима терапија.
„Хеморагијата се повлекува, но била во епилептогена зона. Одвреме навреме сè уште имам главоболки“, сведочеше Села.