Павлопулос: Кое име ќе се одбере да нема иредентизам, а претходно да се промени уставот
Промена на Уставот и изнаоѓање име во кое нема да има траги од иредентизам во однос на границите, националноста и јазикот, се предусловите кои Македонија треба да ги исполни доколку сака да се интегрира во НАТО и Европската Унија, смета грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.
Павлопулос, на почетокот од средбата со ирскиот претседател, Мајкл Хигинс, говореше за грчките национални прашања, за Кипар, Турција и Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, грчкиот претседател повторно рече дека актуелното име на нашата земја, „зрачи со иредентизам, брутално ја фалсификува историјата, има иредентистички корени и затоа го прекршува европското законодавство“.
-Постои еден начин за поранешната југословенска Република Македонија да оди напред кон НАТО и Европската унија. Прво, претходно да го промени уставот. Второ, кое име и да го избере, да нема трага од иредентизам. Дали во однос на границите, дали во однос на националноста, дали во однос на јазикот, рече Павлопулос на средбата со својот ирски колега Хигинс.
Грчкиот претседател на гостинот му објасни дека Македонија прво „треба да се усогласи со меѓународното право, европското законодавство и историјата“, а потоа ќе добие поддршка од Грција за евро- атлантска интеграција.
-Драго ми е што Жан Клод Јункер пред неколку дена, истакна нешто што е јасно за секоја држава – кандидат за членка во Европската унија. Дека прво ги решаваш проблемите, а потоа влегуваш во Европската унија. Не може ЕУ да стане театар за решавање на разликите, особено за разлики што се во фантазијата на некои, додаде грчкиот претседател, пренесува МИА.
Идентична порака до Македонија, со идентична изјава, Павлопулос испрати и од неговата посета на грчкиот град Јанина.