Скопје меѓу 10-те најзагадени градови во светот

Неодамна Скопје се најде во топ 10 најзагадени градови во светот, а податокот беше објавен на airvisual. Има денови кога скопјани дишат многу позагаден воздух од граѓаните во другите престолнини од регионот, па и пошироко.

Доколку не се променат навиките и однесувањето на луѓето, доколку не се преземат сериозни мерки за спроведување на законската регулатива и казнените мерки, ниту едно зеленило нема да го ублажи загадувањето на воздухот во урбаните средини, вели Нешат Аземовски од Здружението за одржлив развој БИОСФЕРА 369 – Битола. Тој објаснува дека кога зборуваме за загадувањето тоа е комплексен поим кој го вклучува и загадувањето на водата, почвата, бучавата, отпадот, опасниот отпад итн.

„Прво и основно, големите европски градови се градени и развивани низ вековите со урбано планирање, широки булевари со зеленило, широки плоштади и достапност на вода. Развојните планови вклучуваат одржлив урбан транспорт со сите форми и елементи, дислокација на индустриските објекти и од најмал обем во индустриски зони и секако користење на природен гас за домаќинствата и индустријата. Она што е најважно и треба да го земеме за пример кај нас е стриктно спроведување на законската регулатива и казнените мерки за загадувачите. Она што се случува кај нас се неправилно планирани, проектирани и изведени градежни објекти без зеленило, соодветен паркинг простор, игралиште за деца, пристапни патеки за велосипеди и тротоари. Мали и средни фирми во централно градско подрачје кои вршат сериозни загадувања и за кои нема контрола ниту казни, ниту дислокација. Кога зборуваме за загадување, секогаш прво на ум ни е аерозагадувањето, без притоа да мислиме на загадување на почвата од моторни масла, загадување на површинските и подземните води со нерешени системи за прочистување на отпадните води ниту од индустријата ниту од градовите, а скоро секогаш ја забораваме бучавата како загадување која негативни влијае врз квалитетот на животот на луѓето. Примери од светот кои се применливи на пример во Битола се воведување на нечујни електрични трамваи за градскиот превоз. Некој ќе рече скапа, неисплатлива инвестиција, а јас ќе прашам колкава е цената на човечките животи на сегашните и идните генерации, воведување на гасификација и најважно промена на навиките на луѓето кои крајно неодговорно се однесуваат кон урбаните аспекти на жиивеење, заштитата на животната средина и природата. Всушност промената на менталната матрица е она што треба да го копираме од европските метрополи“ – вели Аземовски.

Во однос на климатските промени, без разлика дали сме на ставот дека се долгорочна циклична промена или резултат на влијанието на индистриската револуција последните 300 години, факт е дека постојат и Аземовски вели дека мора да преземеме активности за адаптација и ублажување на негативните ефекти на ниво на локално урбано живеење.

„Една илустрација, Битола има вода за пиење ако има снег на планините. Последните години го има сè помалку. Иако количината на врнежи е поголема дождовите предизвикуваат измивање на почвата, нејзина ерозија и поплави. Недозволено и незамисливо е миење на автомобилите со вода за пиење, миење на улиците и наводнување на овошните и зеленчукови насади. Тоа е она што се случува не само во Битола туку и ширум цела Македонија. Веројатно како во Кејптаун деновиве слушаме дека секнале изворите за вода и градот нема вода во водоводниот систем. Дали и нас треба да ни се случи таков драматичен настан па да почниме да размислуваме и делуваме на поинаков начин?“ – прашува тој.

Што се однесува го загадувањето на воздухот, синоќа високо загадено беше во Тетово, Куманово, Кочани и Кавадарци, средно загадено беше во Кичево и Струмица, додека ниско загаден беше воздухот во делови од Скопје, Битола, Велес и Дебар.

На Балканот по загаденоста на македонските градови можат да им парираат неколку градови од БиХ.

Во земјава годишно загадениот воздух убива околу 2000 луѓе, а во Европа од истиот проблем страдаат повеќе од 500.000 луѓе.

Translate »