Грчката новинарка Вудури во Скопје: Изненадена сум колку сме слични! Мислам дека до самитот на НАТО нема да се реши спорот со името!

Александра Вудури е новинарка во грчкото  радио ” Атина 984 ФМ ” , а  воедно е и дел од  тимот на независниот политичко-аналитички  магазин “МакроПолис “. Од 2005-тата година  таа известува  во секторот за наворешна политика, а прашањето за името ѝ е добро позната тема.   Сепак, Вудури за првпат го посети Скопје, деновиве ,кога ја следеше посетата на атинскиот градоначалник .   Ја запрашавме за нејзините впечатоци, но и за спорот за името, атмосферата во Грција и медиумите .

Радар.мк: Како ви се допаѓа Скопје? Имавте шанса да прошетате низ градот, какви се вашите впечатоци?

–  Првпат сум во Скопје.  Прошетав низ градот и ми беше вистинско задоволство да се сретнам со вашите луге, бев изненадена колку сме слични. Вие сте многу пријателски настроени и љубезни. Позитивни сте и тоа пријатно ме изненади. Тоа ми даде и идеја дека  ние како новинари треба повеќе да се фокусираме на позитивните работи, на оние нешта кои  ги спојуваат луѓето од различните земји, наместо да се  фокусираме на работите кои не разделуваат. Градот е многу модерен и покрај фактот дека некои скулптури се малку чудни или кич, не само за грчките  туку и за другите странски туристи. Но, настрана сето тоа, јас видов град кој се труди да биде модернизиран ,  да стане европски град, а тоа е многу позитивно. Тоа многу ми се допадна.

Радар.мк:  Во вашиот новинарски фокус е надворешната политика и се разбира спорот околу името. Според вас, дали е можно да се надмине ова прашање?

– Од 2005-тата како  новинар се занимавам со надворешна политика. Голем дел од она што го работев, се однесува токму на ова прашање. Овој спор е постојано актуелен, некогаш повеќе, а некогаш помалку. Сепак, тоа е национално прашање и за Грција, што , според мене, е погрешно. Но, ете, повеќето влади го сметаат тоа за национално прашање.  Што се однесува до актуелната влада, мислам дека тие тргнаа со добра намера да најдат решение. Мислам дека тие сакаат да останат запаметни по тоа  дека направиле нешто добро во сферата на надворешната политика. И покрај добрите намери и неколкуте рунди преговори, ми се чини дека  последниве неколку недели, работите заглавија. Се надевам дека двете страни ќе најдат начин да го решат ова,но  знам дека не е лесно. Евидентни се   различните позиции за употребата на името. Атина сака ревизија на дел од вашиот Устав, што мислам дека навистина е  многу тешко за владата на премиерот Заев. Тој неодамна кажа дека ако  сега не се реши прашањето за името, ќе се обидат во следните три или шест месеци. Ова е нов момент од страна на вашите власти. Претходно,  јас  истото го слушнав и  од нашиот министер за надворешни работи Коѕијас.

Радар.мк : Дали мислите дека преговарачите  се помалку  разочарани…

-Не би кажала дека се разочарани,туку прагматични бидејќи двете страни  стигнаа до точка кога  преговорите заглавија. Можеби се обидуваат да најдат начини како да ги надминат разликите. Мислам дека самитот на НАТО веќе не е крајниот рок. Барем мене ми се чини така, но не сум сигурна…

Радар.мк: Во македонските медиуми се пренесуваат резултати од  анкетите на јавното мислење во Грција  околу прашањето за името. Над 70 проценти од  Грците не се согласуваат во новото име да стои терминот Македонија. Дали грчките грагани навистина се толку негативно настроени или медиумите ја пумпаат ситуацијата?

– Пола-пола би рекла. Медиумите играат голема улога, создавајќи идеи и  митови околу прашањето за името.  Грците се соочуваат со многу други проблеми, поврзани со економијата, вработувањето …  Имаше протести кај нас, но не беа толку големи како во 90-тите. Тоа е позитивно.  Всушност,  овие протести во голем дел беа антивладини,  луѓето само најдоа  причина да излезат на улиците. Не велам дека немаше и такви кои излегоа и поради името. Сепак,  во моментов , тоа не е најголемиот проблем.  Но, да бидеме реални и прагматични, ако се постигне добар и суштински договор и ако владите на двете земји го убедат јавното мислење  за позитивните страни, мислам дека граѓаните ќе прифатат.

Александра Вудури во Скопје
Translate »