Александар Симеонов-Македонец кој го виде “Крајот на светот”
Патагонија е нешто што не се заборава, ни раскажа 31 -годишниот Александар Симеонов , дипломиран фармацевт и авантурист во срце, кој ја прошетал цела Аргентина. За Radar.mk eкслузивно ја сподели својата репортажа за патешествието до Ушуаја или како што Аргентинците ја нарекуваат ” Fin del Mundo”.
Во Аргентина отидов за да ја посетам сестра ми која тогаш живееше и работеше во Буенос Аирес. И веднаш се вљубив во таа земја и тој народ. Шетајќи неуморно низ Буенос Аирес, во неврзан муабет со Аргентинците дознав за Ушуаја, гратче кое се наоѓа на најјужната точка од Американскиот континент, островот Огнена Земја. Ми рекоа дека местото се нарекува “ Крајот на светот” и одлучив дека морам да го видам. Пресметав дека најисплатливо е да се патува со автобус , а проблем беше сметувањето . Бидејќи бев тенок со буџет, решив да ги искористам погодностите на интернет заедницата “couchsurfing”. За оние кои не знаат за што се работи, тоа е светска социјална мрежа на која се нуди бесплатно сместување за патниците кои сакаат да престојуваат кај локалното население.
Спакував нешто летна и нешто зимска облека во мојот голем ранец, го ставив на грб и тргнав во авантура низ Патагонија.
Прва дестинација ми беше крајбрежното гратче Комодоро Ривадавиа. Се сместив во домот на семејството Варгас, кај Ромина , која беше мојот “couchsourfing” домаќин. Таа токму тогаш го славеше нејзиниот 27- годишен роденден. Прославата беше скапоцено искуство. Од прва рака ги видов Аргентинците, нивниот топол темперамент и гостопримливост. Се запознав со пријателите и роднините на Ромина, и на мое чудо , многумина имаа слушнато за Македонија, па дури имаа и сериозни познавања за нашата земја. Таму го пробав и оригиналното “dulche de lechе”, сладок намаз направен од млеко, деликатес кој што го правела и баба ми, а е познат и во Италија и на Балканот.
Аргентина е позната по производство на говедско месо, а нивната скара наречена ” асадо” е прочуена. Нo, јас, како посветен вегетаријанец, уживав во специјалитетите кои беа без месо: солените “empanadas”, благите” alfajores”, а од пијалоците број еден ми беше” mate” , популарниот чај со силен и егзотичен вкус кој во Аргентина традиционално се консумира и по неколку пати дневно, а дава ефекти слични на кафето.
Откако ги наполнив батериите по тридневниот престој кај Ромина, го спакував ранецот и продолжив понатаму. Во градот Ел Калафате се сместив кај мојот домаќин Ариел , а оттаму , со автостоп , тргнав да ги видам глечерот во националниот парк ” Los Glaciаres”. По пат се запознав со поголемо друштво составено од млади луѓе од Израел, Франција, Шпанија и Аргентина , кои исто така одеа да го видат тоа чудо на природата. Кога пристигнавме , глетката не остави без здив. Тие импресии ќе ги носам со себе до крајот на животот.
Конечно, тргнав кон последната станица- Ушуаја. Патував со автобус полн со туристи од Франција, Шпанија, Мексико и Русија. Сите одеа да го видат “ Крајот на светот”. Ја поминавме границата на Чиле и стигнавме до Магелановиот теснец. Климата стануваше постудена,, а пејзажот се смени од степски во планинско-шумски.
Во Ушуаја пристигнав навечер и веднаш се сместив во домот на Марсело, кај кого бев најавен преку интернет страницата. Утредента, по совет на мојот домаќин, го посетив природниот резерват. Интересен факт е дека токму таму се снимени најубавите сцени од филмот “ Revenant” со Леонардо ди Каприо. Природата беше чиста и недопрена, а езерата кристални со разновидие од животински свет.
Ноќта, сосема ненадејно, наврна снег до колена, а јас се качив на брод кој пловеше до соседните острови населени со морски лавови и корморани. Очекував дека ќе видам и пингвини, но ми рекоа дека тие ги посетуваат островите во друг период од годината.
Следниот ден , изморен, но веќе и без пари, се качив на авион за Буенос Аирес. Билетот го плати сестра ми бидејќи од моите 1000 евра ,со кои тргнав на пат, не остана речиси ништо. Целото патешествие низ Патагонија траеше три недели во кои запознав прекрасни луѓе и предели кои ќе ги паметам до крајот на животот.