Канада, САД и Мексико ќе бидат домаќини на СП 2026 година
Северна Америка ќе биде домаќин на фудбалскиот Мундијал во 2026 година, одлучено е на денешниот 68. конгрес на ФИФА кој се одржува во руската престолнина Москва.
Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико се трите земји кои ќе бидат организатори на Светскиот Куп во 2026 година. На гласањето, САД, Канада и Мексико добија 134 гласа, додека Мароко го поддржаа 65 членки. Една земја остана воздржана и не гласаше за никого.
Мексико досега двапати беше домаиќин на СП, во 1970 и 1986, додека САД имаше еден Мундијал, во 1994 година. За Канада ова ќе биде деби на големиот фудбалски настан.
Македонија на Конгресот на ФИФА ја претставуваа претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски, генералниот сектретар Филип Поповски и потпретседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски е дел од Комисијата на ФИФА за утврдување на условите кои ги нудеа државите кои се кандидираа за домаќини на Светскиот Куп во 2026 година.
Заедно со првиот човек на ФФМ, кој е претставник на организацискиот комитет за натпреварување, во комисијата на ФИФА членуваат и хрватскиот великан Звонимир Бобан, потоа Марко Вилигер, Томаш Весел и Мукул Мудгал.
На само еден ден до почетокот на Светското првенство во Русија, спроти Конгресот во Москва, челниците на ФИФА ја претставија и новата формула за пресметување бодови според која ќе се формира листата на најдобри репрезентации и изменетата верзија на Етичкиот кодекс. По завршувањето на 68. Конгрес на ФИФА започнува изборниот период во кои ќе се поднесуваат кандидатури за претседател на ФИФА. Гласањето е закажано на 5. јуни 2019. година кога ќе биде одржан 69. ФИФА Конгрес.
Во пресрет на официјалниот дел од Конгресот на ФИФА во Москва, дел од официјалните лица на асоцијациите членки на ФИФА одиграа ревијален фудбалски натпревар.