Иванов го извести Собранието дека нема да го потпише Договорот со Грција
Претседателот Ѓорге Иванов го информираше Собранието дека останува на својот став и нема да го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што Собранието го изгласа минатата среда. Во писменото известување до Парламентот тој наведе пет причини зошто останува на ставот и не го потпишува указот истовремено нагласувајќи дека договорот преставува кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку пет години затвор. Образложувајќи ја својата одлука Иванов наведува дека смета оти со непотпишувањето на указот работи согласно Уставот и во интерес на државата.
„Еден од столбовите на мојата политика во изборната програма од 2014 година е дека не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. На претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата Претседател на Република Македонија“ е наведено како прва причина во писмото на претседателот Иванов.
Претседателот смета дека спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 и 845, но и дека не била ратификувана во согласност со уставот, однсоно со членовите 51, 118 и 119. Исто така како причина е наведено и дека со ова Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција, за што членот 308 од Кривичниот законик пропишува минимална затворска казна од пет години.
„Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело“ стои на крајот од писменото известување на претседателот Иванов.
Според законските прописи на спикерот Џафери, по известувањето од Иванов, почна да му тече рокот од 30 дена во кој мора договорот повторно да го стави на гласање во Собранието.