Горан Боев-уметникот е постојан трагач по убавината!

Да се пробуваат разни техники и стилови е природно и препорачливо, за еден уметник. Да се инсистира на некаков стил или техника на работа со која уметникот формално би бил препознатлив и со тоа да се задоволи „ликовната“ суета, е само по себе лимитирање на креативноста. Погрешно е по секоја цена да се инсистира на препознатливост и печат! Подобро е уметникот да биде разностран и креативен, отколку некаква своја „оригиналност“ да ја затвори во медиокритетски рамки.

На крајот на краиштата, уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност дури и кога на него не стои потпис. Важно е она што преку него нас ни се презентира. Токму со оваа идеја нашата редакција Ви презентира неколку ликовни дела од последниот сликарски опис на академскиот сликар Горан Боев. Извонреден сликар, кој последнава деценија остава трага на македонската ликовна сцена, со својата оригиналност, мајсторство и вештина каква ретко се среќава, кој остави силен впечаток со својот карактер и уметнички израз, будејќи ново искуство кај сите нас.

Слика 1. Кубистичка слика, лишена од било каков субјективизам, на која е направен обид преку призмата на геометриските форми – квадрат, круг, триаголник, да се претстави природата на коњот како животно обдарено со сила и елеганција. Решението е дадено низ просторните параметри – лево и десно, горе и доле, согласно со драматичноста која ја дава дијагоналната поделба на сликата. Без дозвола за длабочина и просторност како типична одлика за поимањето на убавото, се доловува една чудна, засебна, само за кубизмот својствена сензибилност на ликовната естетика.

 

Слика 2. Не би постоел подобар избор на боја освен доминантно црвената и подобар избор на животно од коњот како асоцијација за сила, енергија но истовремено и елеганција. Токму тоа е идејата за оваа експресионистичка слика. Преку претставата на коњската глава во најголемиот напон на сопствената животинска моќ, се нуди една визија за стремеж и потенција со која и ние сакаме да бидеме исполнети за сопствено делување во просторот кој нѐ опкружува.

Слика 3. Експресија и тотална слобода на уметникот во експериментирањето со боите и формите. Претежнува белата и сината боја чиј взаемен однос е разигран со фрагменти на црвена, портокалова жолта боја. Но тука е и црната боја која е единствена, препознатлива, конкретна форма во своето испишување на ликот на коњската глава. Подложна на сопствената форма, таа го дефинира дијалогот меѓу останатите бои во ликовната композиција.

Краткиот опис на делата од Горан Боев се од писателот Тодор Богев.

И неколку од постарите дела на Боев.

My beautiful picture

Translate »