Сведоштво од семејството. Како почина војводата Никола Карев
Трајко Карев денес има 72 години и еден од директните потомци на Никола Карев, првиот претседател на Крушевска Република. На денешен ден, пред 115 години, неговиот дедо ги предводел востаниците што го ослободиле Крушево од турскиот аскер, ја прогласиле слободната територија и ја формирале првата република на Балканот
Јас сум Трајко Карев. Mи е чест и задоволство и голема величенственост што го носам презимето на мојот дедо, Никола Карев!
Трајко Карев денес има 72 години и еден од директните потомци на Никола Карев, првиот претседател на Крушевска Република. На денешен ден, пред 115 години, неговиот дедо ги предводел востаниците што го ослободиле Крушево од турскиот аскер, ја прогласиле слободната територија и ја формирале првата република на Балканот.
– Јас сум дете на Никола Карев и на Иванка Луканова од Охрид – ја почнува својата приказна чичко Трајко.
Трајко Карев, пред портретот на дедо му, Никола Карев Фото: Трајче Крстески
Тој бил трета среќа на татко му Никола (кој го носи името на неговиот чичко, војводата Карев) и на Иванка да добијат потомство. Според старите обичаи, за да остане новороденчето живо и да трае, крстен е Трајко.
Чичко Трајко имал посебно детство. Татко му починал кога бил малечок, па го пораснал дедо му Петруш, постариот брат на војводата Никола.
– Спиев со него, паметам сè што ми раскажуваше, секоја приказна, секој збор за комитите. И тој самиот беше Илинденец – раскажува чичко Трајко за Факултети.мк.
Крушево 1903 година Фото: Википедија
Преку неговите сеќавања, раскажани од прва рака, ја пренесуваме приказната за Никола Карев, првиот претседател на Крушевската Република и на неговото семејство по задушувањето на востанието.
Секој ден бев со дедо ми Петруш
Јанакија од селото Свињиште и Петкана од Светомитрани имале пет деца, три машки и две девојчиња – Петруш, Никола, Ѓорѓи и сестрите Тана и Дина. Семејството Кареви било сиромашно – се занимавалесо јаглен и со земјоделство.
– Секој ден бев со дедо ми Петруш. Имаше многу книги и документи, носеше бастум и шубара и сите многу го почитуваа. Беше роден во 1869 година, на 15 март (по старо), а почина во 1962 година, на 96 години. Беше осум години постар од Никола Карев, кој беше роден во 1877 година.И дедо Петруш учествувал во Илинденското востание и бил член на штабот на Крушевската Република. Учествувал и во Балканските војни. Имаше и Илинденска споменица. Во едно време, три месеци беше и претседател на градот – раскажува внукот.
Војводата Никола Карев Фото: Wikimedia Commons
Според кажувањата на дедо му, Никола завршил гимназија во Битола, па во 1901 година се вратил во селото Дивјаци, каде бил учител и паралелно се занимавал со револуционерната организација. Во 1902 година станал учител во гимназијата (осмолетка) во Крушево.
– Го викнале во селото Смилево за да учествува во Смилевскиот конгрес, заедно со првите делегати. Таму бил и Борис Сарафов и Иван Гарванов. Никола Карев се спротивставил на востанието, сметал дека сè уште не се спремни, но Даме Груев бил решен дека веќе не можат да издржат, дека востанието мора да се крене. Таму го избрале да биде војвода и да ја води организацијата во Крушево – раскажува чичко Трајко.
Дедо му велел: Додека траела опсадата, сите бевме во градот, мажи, жени, деца. Турчинот му се јавил на Никола Карев, му пишал писмода се предадат или ќе го изгорат градот до темели. „Не се предаваме, ќе се бориме до крај“, одговорил војводата.
– Тогаш пашата наредил топови и ги гаѓал со ѓулиња кои кога ќе паднеле, дополнително експлодирале. Во тоа време штабот на Крушевската Република бил сместен каде што денес е изграден Македониумот. Паѓале ѓулиња на сите страни. Востаниците направиле топ од црешово дрво, кое се распукало кога пукнало. Направиле уште еден, со железни обрачи, и од тоа ништо не било…По кажувањето на дедо ми, четниците излегле надвор од градот. Кога влегла турската војска, некои од жените биле силувани, мажите биле врзани по четворица, под денешниот споменик и однесени во затвор во Прилеп. Меѓу нив бил и дедо ми Петруш. Тој знаеше турски.Една вечер, дошол некој Турчин, сакал да убие некој од затворениците, за да го одмазди брат му. Стражарот му одговорил дека нема да дозволи, дека затворениците му се доверени и мора да ги чува.Дедо ми бил врзан заедно со Максим. За да не откријат дека е брат на Никола Карев, полека, полека се извлекле назад кон другите затвореници и така преживеал – раскажува чичко Трајко.
Несреќна околност. Било недела
По задушувањето на востанието, војводите и четниците што преживаеле се повлекле. Никола Карев заминал во Софија и таму работел како калфа кај Васил Главинов, кој бил столар. Немало тогаш машини, бичеле штици рачно. Паралелно се занимавал и со социјалистичка дејност. Но, сакал да севрати во Крушево.
– Тргнал со 25 револуционери кон Македонија, преку Србија. Оделе низ Ниш, Лесковац, Врање. Тогаш му испратил писмо на дедо ми. „Брату Петруш, дојдовме во Србија. Многу убаво нè пречекаа. Вечерва тргнуваме за Македонија“ – раскажува Трајко.
Свиланово, местото каде загинал Никола Карев
Вечерта влегле во селото Рајчани, Кочанско. По нив одела мазга натоварена со оружје и муниција. Се распоредиле по 4-5 души во неколку куќи. Еден од нив чувал стража, качен на дрво.
– За несреќа, било недела, а во соседното село имало свадба. Развеселени, почнале да пукаат. Стражарот помислил дека е аскер, влегол во селото и ги известил комитите. За да ги спасат селаните, комитите во ноќта почнале да се повлекуваат. Наишле на едно напуштено трло, каде што имало заседа. Отвориле оган. Се биеле 24 часа, ден и ноќ. Некои од комитите сеповлекле, други загинале, Никола Карев останал со осум души. Кога веќе снемале муниција и немале со што да се борат, детонирале бомба и сите загинале. Тогаш Петре Ацев, прилепчанец го известил Петруш, дека брат му, Никола Карев, загинал. Било 27 април 1905 година – се сеќава чичко Трајко.
izvor Fakulteti.mk