Православните верници го почнуваат двонеделниот пост

Православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Богородичниот пост трае од 14 до 28 август. Најкраток е од четирите големи постови, но и построг од божиќниот и апостолскиот. Поради големото почитување кон Пресвета Богородица верниците овој пост го постат како и Големиот пост.

Тоа значи дека сите денови се постат на вода, освен сабота и недела, кога е дозволено да се користи зејтин и вино, а за празникот Преображение, кој паѓа во време на овој пост, се јаде и риба.

До празникот Преображение, пред да започне постот и за време на посните денови не се јаде грозје и смокви. Од празникот Преображение, кога и се благословува овошјето веќе е дозволено да се јаде и грозје и смокви.

Ова е што се однесува за телесниот пост, но никако не смееме да го заборавиме и духовниот пост. Да се молиме, посебно на Пресветата Богородица за време на овој пост, читајќи го Нејзиниот канон, да вршиме добри дела и задолжително да се исповедаме за да можеме што поочистени да ги примиме Светите Христови Тајни.

Дните на Богородични пост да ни минат во чистота на срцето, добромислие и доброделие!

 

Translate »