Како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиони евра за изградба на црквата Св. Константин и Елена“ на улицата Македонија.
Истражувачката репортерска лаборатија открива дека државни институции и бизнисмени чии фирми добро профитираа од државните тендери од „Скопје 2014“ се најголемите донатори за фондацијата на Македонската православна црква за да ја изгради црквата Св. Константин и Елена“ на улицата Македонија.
„Свети Цар Константин и Елена“ на улица „Македонија“ во центарот на Скопје влезе во седмата година од изградбата. Почна во 2012 година и требаше да биде готова за три години, но локацијата се уште е оградена со тараби. Дозволата за градба беше издадена на 9 ноември 2012 година, а почна да се гради два дена подоцна. Првата лопата ја фрли поранешниот премиер Никола Груевски, кој заедно со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан го означија почетокот на овој, како што го нарекуваа, „велелепен“ духовен храм.
Црквата беше идеја што ја туркаше тогашниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да се издаде дозволата за градба беа задушени протестите на граѓаните кои сметаа дека не треба да се гради црквата, а кога се носеше ДУП-от во општина Центар и кога се вцрта маркицата беше проследено со насилства од лица организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Во овој случај којшто го отвори Специјалното јавно обвинителство познат како „Шамари во Центар“ од раководството на партијата обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова и неколку советници од ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар.
Шест месеци пред да биде издадена градежната дозвола, во мај 2012 година, МПЦ формира фондација „Свети Цар Константин“ која се јавува како инвеститор на градбата. Фондацијата е регистрирана на адресата на синодот на МПЦ со основачки влог од 65.000 евра. Црквата истата година вложува 1 милион евра на сметката, а останатите пари почуваат да се собираат со донации. Беа организирани три донаторски конференции. Првата во декември 2012, потоа пролетта 2013 и последната во декември 2014 година.
Од годишните сметки на фондацијата Свети Цар Константин доставени до Централниот регистар на РМ може да се види дека во 2012 година единствени приходи се милион евра кои како донација ги уплатила МПЦ. Во 2013 година фондацијата има приходи од 1.650.000 евра, во 2014 – 700.000 евра приходи. Како што опаѓа моќта на ВМРО-ДПМНЕ, така се намалуваат и донациите. Во 2015 година нема донаторски конференции и се собрани 280.000 евра приходи. Во 2016 година се пријавени 28.000 евра, а во 2017 година само 160 евра.
ИРЛ од Министерството за правда го побара списокот на донатори. Во оваа институција секој донатор има обврска да ја пријави донацијата, за да добијат потврда дека се работи за јавен интерес. На листата која што ја добивме има 440 донатори.
Целото истражување на ИРЛ на следниот линк.