Македонскиот и грчкиот народ ги зближуваат невработеноста и сиромаштијата (инфографик)
Со ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент се отвора ново поглавје во политичките односи меѓу Македонија и Грција, а уште поважно се создава можност за поголема економска соработка меѓу двете земји која досега беше обременета со несогласувањата околу спорот за името.
Главните економски параметри покажуваат дека нашата држава е економско џуџе во споредба со Грција, но и дека заедничка мака за граѓаните на двете земји се невработеноста и високата стапка на сиромаштија.
Според податоците на Светска банка, бруто домашниот производ по жител во Грција на крајот на 2017 година изнесувал 18.613 американски долари што е три пати повеќе отколку македонскиот кој изнесува 5.414 долари.
Според последните статистички податоци стапката на невработеност во Грција изнесува 18,6 отсто, а во Македонија 20,8 отсто, што ги става двете земји на врвот на листата во Европа по процентот на невработени лица.
Двете држави се уште поблиску по процентот на сиромашни лица, кој во Грција изнесува 20,2, а во Македонија 22,2 отсто од вкупната популација.
Во Грција просечната плата е позиционирана на 1.166 евра, а во Македонија на 399 евра. Сепак, статистичките податоци по сектори откриваат дека поголем број од работниците од двете држави може само да сонуваат за просечна плата. Најголем број од работниците кај нас земаат плата до 350 евра, а во Грција до 800 евра.
Инаку, економските придобивки од затоплувањето на односите меѓу двете земји дојдоа само неколку дена по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Каматите на 10-годишните обврзници на Грција се намалија за 1,5 отсто на 4.07 отсто, што е најниско ниво од септември, минатата година. Подобрување имаше и кај македонските обврзници. Приносите на обврзницата која достигнува во 2025 година се намалија на 2,51 отсто, што најниско ниво во изминатава година.
Ваквото движење на меѓународните финансиски пазари значи дека инвеститорите гледаат позитивни сигнали во имплементацијата на Преспанскиот договор што резултира со намалување на трошоците за задолжување на двете земји.