ИТАР ПЕЈО И ГОРДЕЛИВИОТ БОГАТАШКИ СИН

Како секаде што има богаташки синови што не работат ништо, така и во Прилеп имало во старо време некој таков.

Дали тој бил од Бомболовци, Аџи-Здравевци, Аџи-Ристевци, Аџи-Илиовци, Тепајмајковци, Палисламовци, Корвезировци, Колимагаревци, не би можело точно да се каже, но главно бил чорбаџиски син: ништо не работел, ами секое утро си одел на кафе и, кога било топло времето, си седел пред кафето и си пиел кафе, чај, си пушел тутун на голем скапоцен чибук со голем килибар.

Врвејќи Пејо еднаш по сокак пред кафето, го забележал и му дал еден селјам:

– Добро утро, цар на веков – му рекол тој.

На овега му поласкале овие зборови, го викнал Пеја кај себе и му дал грош да се напие едно кафе или ракија.

Пејо разбрал дека му ласкаат овие зборови на богатиов, та и утредента тоа го повторил.

Пак добил грош и си отишол на анот и не само ракија и кафе, но со грошот си го плаќал целиот трошок за тој ден.

My се заарнило на Пеја, та продолжил со оваа работа цел недела и месец.

Арно ама, за несреќата од Пеја, богатиов син се оженил.

Излегол пак пред кафето и го чека Пеја да го поздрави со пријателскиот поздрав.

Но, Пејо разбрал дека се оженил и место познатиот поздрав „добро утро, цар на веков” му запнал едно „добро утро, слуга на веков”.

Се растревожил богатиов и го прашал Пеја:

– Зошто ме направи ти мене слуга на веков?

– Зошто ли?

itar-pejo-mariovo

Ќе видиш од утре кога ќе ти забрани жената да седиш вака слободно пред кафето.

A остави, пак, кога ќе ти се народат деца, ќе видиш каков слуга ќе станеш.

Овој се налутил, но пак му дал грош на Пеја.

Станал, си отишол дома и си ја избркал невестата, а утредента пак седнал на своето место пред кафето и одвај чекал да помине Пејо и да го поздрави како понапред со „добро утро, цар на веков”.

Но Пејо ја разбрал и оваа работа и уште оддалеку му викнал:

– Добро утро, резил на веков!

Овој скокнал од столот и му се приближил на Пеја готов да му удри една преку очи што го навредил. но решил првин да го праша:

– Зошто сум резил на веков, бре пријателе? 

Пејо се насмевна. се поистави два-три чекори и му одговори:

– Зар има поголем резил од овој да си избркаш златна невеста за едно „добро утро, цар на веков”?

Но тоа не можеше да го разбере горделивиот богаташки син, а Пејо не сакаше да му го полни умот понатаму, си го јавна магаренцето и си отиде во своето Мариово да им раскажува на Мариовците какви горделиви и глупави луѓе има на светов.

Translate »