Рана стимулација кај децата
- Што е рана стимулација?
Кога зборуваме за рана стимулација кај детето, всушност зборуваме за низа активности кои треба да се превземат во период кој е од клучно значење за функционирањето на детето во понатамошниот живот. Различните сензомоторни искуства со кои се соочуваат децата во текот на предучилишниот период се всушност темел кој ги насочува понатаму и академски и социјално и емоционално.
- Кои услови треба да бидат задоволени за да се примени рана стимулација?
За да постои соодветна рана стимулација кај децата, прв услов е создавање на стимулативна средина која вклучува значајна интеракција со децата. Таквата средина подразбира одвоено време и простор за детето за активности како што се: читањето, пеењето, друштвените игри, спортски игри со кои се поттикнува нивното движење. Сите овие активности се неопходни за нормален телесен, когнитивен и психосоцијален развој.
Научните истражувања укажуваат дека 90% од развојот на човечкиот мозок се случува до 6 годишна возраст. За да ги развие детето во потполност своите когнитивни потенцијали, најзначајно е да му се дозволи самостојно да манипулира со предметите, да истражува и учи од сопственото искуство.
“При примена на раната стимулација треба да се земе во предвид дека секое дете е различно и има свое темпо на развој. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува присилувајќи го детето да постигне цели за кои не е подготвено, туку да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативноста, учењето и себевреднувањето”, истакнуваат од приватната градинка Пиколини, во чија програма раната стимулација зазема важно место. Посебна улога во сето тоа има играта како основен начин на спознавање на светот и односите во периодот на растење. Преку неа дечињата учат како да го користат мозокот, експериментираат со предметите и појавите. Игрите на улоги се неизоставен дел за развој на социјалниот идентитет и преку нив тие учат како да се соочат со проблемите и како да ги решат.
- Каква е улогата на родителите во процесот на рана стимулација?
Соработката на родителите со предучилишните установи е од големо значење за развојот и формирањето на личноста на детето. Бидејќи доколку одредени аспекти во овој период на развојот се занемарат, тешко ќе биде понатаму да се компензираат.
Во контекст на тоа еве 10 корисни совети за родителите како да допринесат за имплементација на раната стимулација:
1. Не запоставувајте ниту еден аспект од развојот на воспитување на вашето дете
2. Задачите кои ќе ги поставите на вашето дете секогаш треба да бидат малку потешки од она што може да го реши, тие треба да претставуваат предизвик, децата да почувствуваат когнитивна нерамнотежа која ќе ги мотивира да дојдат до решение кое ќе им ја врати состојбата на рамнотежа.
3. Физичките активности/спортот имаат позитивно влијание за ослободување на стресот кај детето. Применувајте ги секогаш кога има простор за тоа.
4. Играјте често игри на улоги/градинка со детето така што ќе развиете позитивен став кон градинката/воспитувачот.
5. Поставувајте проблемски задачи од самиот почеток,создајте основа детето да може да поврзува факти и различни подрачја.
6. Поставувајте му задачи блиски на неговото искуство.
7. Набљудувајте го детето за да видите што е тоа што може, а што не може да прави во секоја од развојните области и помогнете му да ги примени и подобри своите вештини
8. Секогаш започнете нова активнст почнувајќи со она што детето веќе може да го направи и охрабрете го направи малку повеќе од тоа.
9. Не се однесувајте презаштитнички кон вашите деца, пуштете ги да експериментираат, дајте им лажици и тенџериња да тропаат да ги истражуваат звуците, пејте заедно со нив, танцувајте, читајте приказни. Дозволете им да се валкаат во калта, да скокаат во вирчињата, да се тркалаат во снегот, пуштете ги да се качуваат по справите во парковите, да научат сами да ги поставуваат границите и да ги проценуваат опасностите, да ја почувствуваат природата како неисцрпна стимулативна средина од која можат многу да научат.
10. И на крај, не заборавајте секој ден да го гушкате вашето дете и да му кажете колку го сакате и колку е тоа значајно и посебно во вашиот живот!
Славица Кузманоска- педагог и воспитувач во Интернационалната градинка Пиколини