Ексклузивно: Жарко Лаушевиќ- Не сакам кога љубовта ме боли

Радар.мк имаше можност да разговара со еден од најголемите актери од поранешните југословенски простори Жарко Лаушевиќ чија интригантна животна приказна, во екот на неговата кариера, го оттргна од регионот. По неколкуте успешни автобиографски романи тој полека, но сигурно се враќа на филмското платно и театарската сцена.

 

 

  24 години е долга дистанца...бевте во екот на вашата слава и кариера кога не напуштивте и заминавте преку океанот, луѓето сакаа да ве гледаат на филмското платно и на театарската сцена…ќе биде ли нескромно да ве прашам што сè се случи во вашиот живот во меѓувреме? Или барем што вам ви се чини значајно да го издвоите и споделите?

Некако надвор од она што го пишувам во моите книги не сакам да зборувам за својот приватен живот. Мислам дека таму имаше доволно копање по себе така што секое прераскажување на мојот живот надвор од она што го пишувам би било многу тешко и излишно. Тешко се согласувам на секое интервју, можеби и затоа почнав да пишувам.

Како поискусен актерски волк како гледате на вашите помлади колеги, кои во моментов се сметаат за актерски магови на српската сцена, како што е еден Шушлиќ или Глоговац?

Беше навистина големо задоволство да се биде со нив на сцена. Улогата која ја направи Небојша Глоговац во „Хадерсфилд“ е нешто што со сигурност ќе влезе во антологијата на актерскиот израз на овие простори.

 

Се губи ли ритамот на театарската сцена по долгогодишна пауза во актерството или повеќе би се сложиле дека е тоа како возење точак, еднаш кога ќе го научите не се заборава?

Сигурно дека е неопходен тренинг и кондиција како во секоја друга работа, но публиката и колегите навистина ми помогнаа за таа пауза да не се почувствува.

 

Бевте еден од најпосакуваните тогашни југословенски актери не се сомневам дека илјадници девојки сакаа да паднат во вашата       прегратка. Како се справувавте тогаш со ваквата популарност и како гледате на тоа од денешна визура?

Можам да цитирам еден јунак од мојата книга: Многу сакам кога некој ме сака, а не сакам кога љубовта ме боли. Ништо не е променето, ниту тогаш ниту денес.

 

Книгите кои ги издадовте наидоа на силен оддек и во Македонија…како е да се биде во улога на писател? Дали пишувањето како силен адут и талент го откривте додека пишувавте или и пред тоа имавте афинитети кон перото?

Од кога знам за себе водам дневник. И сè уште ги имам некаде. Дневниците кои се одлучив да ги објавам беа некои мои очајнички обиди низ еден романсиерски облик  да му објаснам на светот и себе си што ми се случи и да ја разнишам темната страна на нашиот правосуден систем.

Каков ви е животот во Америка? И како по толку време гледате на ситуацијата на Балканот… од страна секогаш пообјективно се доловува големата слика…

Тешко би било тоа да се објасни во еден новинарски одговор, така да се надевам дека на вашето прашање ќе се обидам да дадам одговор во некоја моја следна книга.

 

Од време на време ќе дојдеме до некоја информација каде ќе прочитаме за вас и вашето повторно активирање на филм или серија. Во која насока се движи вашата кариера во моментов…и што е она што посакувате да се случи?

Работам многу во последно време. Ќе се појавам дури во три серии годинава, „Сенките над Балкан“ на Бјелогрлиќ, „Пет“ на Балша Џога, и веќе од седми октомври ме очекува големата серија „Корени“ работена по мотиви на Добрица Ќосиќ.  Летово работев и еден интересен филмски проект “Воља на синовите“, на младите Страхињ Маџаревиќ и Немања Чераниќ кој би можел да биде пресвртница на овие простори. Филмот во моментов е стопиран бидејќи сè уште бараме средства за негова реализација. А што ќе биде со мојата кариера понатаму? Не знам. Не сакам многу да се осврнувам на деновите кои следуваат. Оставам да ме води љубопитството.

Кога последен пат сте ја посетиле нашата земја? Што е она на кое последно се сеќавате?

Последен пат бев овде во 1999 година, непосредно по бомбардирањето кога, за жал, со семејството бев приморан да се засолнам надвор од Србија. Она по што отсекогаш со задоволство се сеќавам на Македонија е пријателството и прекрасната соработка со Унковски, Милчин, и со многу други драги колеги, кои некои од нив, за жал, не се повеќе меѓу живите. Но, она што секогаш ќе ми остане во сеќавање е вашето гостопримство и прекрасните моменти поминати овде. Со посебни чувства го паметам снимањето на филмот „Пат на југ“, во југословенска-аргентинска копродукција од 1987 година во селото Горно Количани.

 

 

Дали би можеле во блиска иднина да очекуваме нешто ново каде повторно ќе заиграте пред филмската камера или на театарските штици?

Мислам дека веќе ви одговорив на ова прашање. Значи од овде одам директно на снимање на големата серија „Корени“ во режија на Иван Живковиќ, каде ме очекува тримесечна работа на ликот Аќим Катиќ. Многу интригантна историско-политичка семејна драма која уште во 1954 година ја доби наградата на „Нин“, а која денес чинам е поактуелна отколку тогаш. Среќен е секој создавач кој може да се потпре на голема литература.

 

Кои се предностите, а кои недостатоците на емотивната и интелектуалната зрелост?

Имате ли вие за крај некое полесно прашање? Актерот никогаш нема да порасне, така што ако мислите на актерска зрелост, таа според мене, барем што се однесува до пристапот на сцената, мора да ја сочува наивноста или незрелоста, така што со чиста глава, речиси како без какво било искуство,  чисто ќе ѝ пристапите на секоја нова работа. Со апсолутно незнаење. Но, сепак актерот мора да биде длабоко мисловно битие кое во рамките на постапките кои ќе ги одбере ќе мора да вгради и дел од својот изоден пат. Ако ме прашувате како писател одговорот ќе биде речиси идентичен, со таа разлика што од писателот сепак се очекува сериозна ерудиција, така што со сериозен пристап и со поголема одговорност би ги пренел на публиката своите зборови.

 

И за крај би ве прашале после целото животно искуство, предизвици и премрежја на крајот од денот што им велите на вашите деца, како да се справат со светот кој ги опкружува? Кои се вашите параметри и кодекси на воспитување?

Тешко е денес да се биде родител. Покрај толку воспитувачи и предизвици со кои децата секојдневно се судруваат. Што да ги посоветуваме? Ако им кажете „Don’t do what I do, do what I say!” ништо не сте направиле, доколку вие погрешно постапувате, а добро советувате. Значи, поучно би било со вашето однесување да давате добар пример кој можат да го следат. Не е лесно, се разбира. Она на што сум горд на своите деца е дека го сочуваа нашиот јазик и дека се многу упатени во историјата на нашите простори. А колку тие ќе успеат да го пренесат ова на своите деца е прашање на кое засега не умеам да одговорам.

Translate »