Дрвјата низ Скопје на умирање, Градот штеди вода
Летниот урбан пејсаж на градот и годинава е во знакот на сувата, уништена вегетација и соголени крошни на повеќегодишните дрвја кои едвај да преживуваат без капка вода. Суви или во фаза на сушење се значителен дел од повеќегодишните липи, младите и старите јасени како и други укасни дрвја, а трева на многу од тревниците речиси и да нема. На социјалните мрежи со денови се споделуваат фотографии и од другите населби во Скопје како Аеродром, Ново Лисиче и Карпош на неполиени тревници и сува вегетација.
На прашањето зошто Градот дозволил зеленилото во Скопје да се препушти на немилост на жешкото лето, од прес службата со одговор дека „Паркови и зеленило“ се грижи за состојбата со зеленилото, кое е во надлежност на Градот, дека зеленилото кое е во нивна надлежност редовно се полева секаде каде што има хидрантска мрежа со сите капацитети и дека е во добра состојба, како и дека ги почитувале препораките од ЈП Водовод и канализација за порестриктивно користење на водата.
Сепак, фотографиите од лице место покажуваат драстично поинаква слика. „Мета.мк“ направи кратка обиколка на булеварот Даме Груев и на улицата Димитрија Чуповски како дел од строгиот центар на Скопје, под претпоставка дека таму би се фокусирале напорите на надлежните за одржувањето на градското зеленило, но сликите се повеќе од разочарувачки.
„Ние го полеваме зеленилото кое е под наша надлежност со сите расположиви капацитети, а онаму каде што нема хидрантска мрежа дрвцата ги полеваме со цистерна“, велат од Паркови и зеленило, упатувајќи не за зеленилото на споредните улици одговори да бараме кај општините.
„Се трудиме да стасаме секаде каде што можеме и мислам дека успеваме да го одржуваме зеленилото кое е под наша надлежност“, вели портпаролот на општина Центар Емил Лазаревски и потсетува дека имаат големи проблеми со тоа што несовесни граѓани им ги оштетуваат системите за наводнување, им ги кинат цревата, кршат вентили во шахтите и слично.
Иако со голо око може да се забележи дека вегетацијата во градот страда од хроничен недостиг на вода при високи температури, „Мета.мк“ побара стручно мислење од Шумарскиот факултет во Скопје.
„Невообичаено голем процент на дрвја и грмушки се суви. За жал, за некои од нив се сомневам дали воопшто ќе заживеат, односно дали ќе имаат регенеративна моќ на пролет идната година да потераат листови. Што се однесува до видовите, липите и дивите костени се навистина најзабележителни заради лошата состојба, но и други видови како платаните, јасените и јаворите имаат прилично висок процент на сушење“, вели професор Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет и фитопатолог.
Тој напоменува дека не е исклучено некои од исушените дрвја да се болни, но дека сепак нивниот главен проблем е недоволното полевање и изложеноста не високи температури. „Ова особено се однесува на тротоарско зеленило, односно зеленилото кое е единечно засадено и опкружено со плочки или асфалт од сите страни. Ќе забележите дека токму тој тип зеленило а најмногу настрадан во Скопје“, вели професор Сотировски и посетува дека во истражувања кои ги правел Факултетот била измерена температура од над 65 степени на асфалт низ градот во летните месеци.