Окрупнување на банкарскиот сектор – на повидок преземања и спојувања

На повидок ново окрупнување на банкарскиот сектор – Комерцијална оди кон преземање на Еуростандард, а Шпаркасе кон преземање на Охридска Банка…  Во Македонија во моментов има 15 банки…

Комерцијална сака да ја преземе Еуростандард банка?!

Комерцијална размислува за преземање на Еуростандард банка. Преку Македонската берза веќе е објавено дека се разгледува можноста за стекнување акции и дека веќе е остварен контакт меѓу двете раководства. Постапката е на самиот почеток и се уште се разменуваат само информации.

„Во оваа рана фаза постапката не претставува намера за преземање и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамки на претходна постапка да се стекнат информации, врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за преземање во иднина“ се наведува во соопштението од Комерцијална Банка АД Скопје.

Оттаму додаваат и дека ова сепак не треба да се толкува како официјална намера за преземање.

Од Еуростандард банка се согласни процесот да продолжи.

„Акционерите ги задолжија органите на управување на банката да пристапат кон предходна постапка за размена на информации со цел за успешно стекнување на акциите”, објаснуват од Еуростандард Банка.

Оттаму велат и дека овој процес одел во прилог на нивните заложби за континуиран напредок и развој на своето работење во сите негови сегменти.

Комерцијална е во инвестициски поход

Со овој потег продолжува инвестицискиот поход на Комерцијална Банка.

Лани заедно со „Балфин груп“ ја преземаа албанската „Тирана банк“ од грчката „Пиреус“ за 57 милиони евра.

„’Балфин’ и Комерцијална банка АД Скопје планираат Тирана банка да функционира како независна банка со која ќе управуваат искусни професионалци, предводена од меѓународен Управен одбор и ќе продолжи да ги проширува активностите на банката во Република Албанија“ соопштија инвеститорите при преземањето.

Фантастичен раст на профитот

Профитот на Комерцијална Банка лани беше 28.9 милиони евра со што порасна за 114%.

Банката учествува со 21.1% од вкупната актива на секторот, со 19.0% од вкупниот капитал и резерви.

Кај неа се и 12.6% од сите издадени картички, 17.5% од сите ПОС и АТМ терминали, како и 19.0% од вкупниот број на отворени сметки.

Шпаркасе се спојува со Охридска Банка

Паралелно со ова се одвива и уште еден процес на окрупнување – Шпаркасе се спојува со Охридска Банка.

Процесот треба да заврши до крајот на годинава. Преку  Македонска берза Охридска банка, која  во моментов е дел од групацијата Сосиете Женерал, објави дека до Управниот одбор е доставена понуда за преземање на акции издадени од Охридска банка.

Со ова започнува процесот на долго најавуваната продажба на контролниот пакет на акции од 74.53% на Охридска банка. Вредноста на оваа трансакција е околу 52 милиони евра.

Претходно Гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска изјави дека Народната Банка дала согласност за преземање на Охридска Банка од страна на австриската Шпаркасе Банка. Со согласноста се создаваат услови за реализација на финалната фаза – купопродажните трансакции.

Охридска банка има вкупен капитал од приближно 650 милиони евра и повеќе од 400 вработени. Штаермеркише Шпаркасе како групација е присутна во Македонија од 2008-та преку својата банка Шпаркасе банка Македонија со вкупен капитал од 350 милиони евра.

По преземањето на Охридска банка, се очекува Штаермеркише Шпаркасе да има вкупен капитал од околу една милијарда евра во Македонија, со што ќе стане четврта најголема банка во земјава  со пазарен удел на помеѓу 12 и 14%.

Во Македонија има премногу банки

На македонскиот пазар во моментов функционираат 15 банки – Силк Роуд, Еуростандард, Халк, Шпаркасе, Капитал банка, Комерцијална банка, Развојна банка на Северна Македонија, НЛБ, Охридска, ПроKредит, Централна кооперативна, Стопанска банка Битола, Стопанска банка Скопје, ТТК и Универзална инвестициона банка.

Ова е премногу со оглед на големината и развиеноста на пазарот.

И покрај тоа секторот продолжува да има фантастични профити. Целиот сектор лани имал вкупна добивка по оданочување од 135.8 милиони евра. Оваа добивка е за дури над 27% повисока од остварената во 2017-та кога банките прикажаа позитивен финансиски резултат од 106.5 милиони евра.

Во 2018-та 8 банки што котираат на берза работеле со добивка, а 5 од нив се вбројуваат во 10-те компании со најголема добивка.

Профитот на Комерцијална Банка лани беше 28.9 милиони евра и порасна за 114%, добивката на Стопанска Банка Скопје достигна 44.5 милиони евра и беше поголема за 34%, НЛБ Банка прокнижи заработка од 34.5 милиони евра што е на речиси исто ниво како и претходната година.

Translate »