Пардон мај Френч!

Пардон мај Френч! Вака јас (сликовито) ја гледам приказнава со ЕУ: Зрела девојка (акцент на девојка, значи не е зрела жена), симпатична, умна, малку наивна, ама не се гледа на прва. Привлечен, умен, шармантен и забавен маж (искусен заводник), jа освојува полека, суптилно, со внимателно дозирано внимание и стандардните шизички (не!) топло-ладно потези. Таа се навлекува како на дрога на вниманието кое го добива од овој човек и не може да престане да ги проектира во главата сите можни сценарија на блиска и среднорочна иднина (и далечна, ама не признава ни пред себе). Губи глава, се опседнува! Излезени, винце, музиче, опуштени, расположени, таа целата внесена во него, а тој ѝ дава повод за тоа. Ја владее. Ја има на кратко ланче. Ноќта е допрва пред нив, таа мисли дека се погрижила за сите детали. Сè е стокмено, сите услови се исполнети. Сега е моментот да го натера да сфати дека и тој не може без неа, дека му треба, дека е вредна за него. Се предава целосно, му верува, искусен е и зрел, нема што да тргне наопаку! Нема шанси типов да не и пружи ноќ за памтење (прва од многу што ќе следат!). Сите сетила се будни, страст, копнеж. Типов дефинитивно знае што прави ja ,, врти ко чигра”. На моменти не ѝ се свиѓа баш сè во играта, бара чудни нешта, ама ок, дел е од играта, спремна е на отстапки, дури со задоволство прави компромиси, тој знае, сигурна е дека ќе се погрижи да биде задоволна. Фршти сè! Никогаш не доживеала ваква страст. И таман пред врвот, таман е таму, секунда фали, ја пресекува, се повлекува, готов е, отсутно и делумно задоволен. Додека таа верува дека играат суптилна љубовна игра на давање и земање, танц на страста втемелен на доверба, нему ова не му било ни водење љубов, ниту попатна ебачина (пардон мај ФРЕНЧ), туку едноставно парење од кое не извлекол ни некое посебно задоволство, туку едноставно (и повторно) демонстрира моќ, доминација. Светот ѝ се руши не заради пропуштениот оргазам туку затоа што сфаќа дека нему во ниту еден момент не му било гајле за нејзините чувства, не ги уважил нејзините потреби, не го вреднувал нејзиниот труд, не ги заесапил нејзините отстапки (позата баш и не ѝ одговараше). Самодовербата и се руши до темел и почнува да се вртка и да се прашува што не е ок со неа, влегува во маѓепсаниот круг на прашања без одговор што водат до нови прашања. Стани цуци, добра си, сопка на патот. АМА сега ти е јасно дека треба да се погрижиш за себе малку, да станеш на убавите нозе, да се собереш, да се свртиш внатре и да си ја видиш вредноста, да поправиш што е за поправање, да оставиш што е за оставање, да пораснеш, да созрееш и да не дозволиш никој никогаш веќе да те остави незадовол(е)на. Од тебе зависи. Алтернатива за самогрижата нема. Ниту за пишување домашна работа. Ниту за интегритет. Крај на разговорот .

Ана Черепналкоска Колевска

Translate »