Анализа: Предизборни ветувања – „надуван балон“ или остварлива агенда?

Неделава според најавите владејачката СДСМ треба да ги започне консултациите за кадровските решенија во новата техничка Влада – која е „предвесник“ на априлските предвремени парламентарни избори. Владејачката коалиција на опозицијата ќе и ги отстапи челните позиции во двете стратешки министерства – за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

И на владејачкиот и на опозицискиот фронт веќе се активираше изборната реторика, а партиската машинерија од поодамна ги запали “моторите“ и ја започна офанзивата за освојување на гласачи. Дел од аналитичарите за „Порталб.мк“ веќе коментираа дека овие избори освен што ќе бидат „најдолги“, бидејќи седум месеци однапред е познат датумот на изборите, се смета дека ќе бидат и „тешки“ за мотивирање на демотивираното гласачко тело.

„Најголемиот предизвик на партиите на претстојните избори е да најдат гласачи, односно да ги мотивираат да излезат на гласање. Едноставно гласачите, особено оние кои не се партиски определени, а и не само тие, се прилично разочарани од ефектите од владеењето на досегашните т.н. големи партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Не дека требаше да се очекува премногу, но сепак разочарувањето е дотолку поголемо поради „навиката“ на партиите, со своите предизборни ветувања да го „дуваат балонот“ креирајќи ирационален оптимизам кај голем дел од граѓаните. И сега, кога „балонот“ пукна, затоа што изостанаа видливи резултати во борбата против корупцијата и злоупотребите на власта, не се подобри драстично животниот стандард, не се подобрија јавните услуги, инфраструктурата, здравството, образованието, не се намали загадувањето и згора на тоа не добивме датум, а ни беше најавувано дека тоа е завршена работа, тогаш никој не би требало да биде збунет што најголемата „партија“ во моментов во земјава ја сочинуваат неопределените“ – вели за „Порталб.мк“ Гоце Пачемски, експерт за односи со јавноста.

Очекувано е дека на политичкото мени како успех за власта ќе се понуди члeнството на Македонија во НАТО, додека опонентот од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе потсетува на „бриселското фијаско“, но прашањето е дали и колку сите играчи на политичка сцена, без разлика на етничкиот предзнак, ќе понудат реални решенија за проблемите со кои граѓаните се соочуваат секојдневно.

„Најважно од се е со кои луѓе ќе излезе на избори и ќе ја побара довербата да ја води Македонија во следните четири години. Потоа, треба да седнат и да изработат изборна кампања која треба да биде поделена во два дела. Првиот дел мора да ги адресира проблемите со кои се соочуваат граѓаните и мора да понудат решенија на истите. Во вториот дел мора јасно да кажат кои се стратешките определби на ВМРО ДПМНЕ и каде раководството ја гледа Република Македонија за 10 години од сега во клучни области како што се образование, здравство, труд и социјала, право и правна држава, безбедност итн. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ или дел од партиското раководство мора да има и јасен став за т.н. „Преспански договор“, бидејќи овие избори ќе ги одлучат граѓаните кои ги бојкотираа референдумот и претседателските избори“, вели Самоил Малчевски, член на ВМРО-ДПМНЕ, но од реформаторското крило што се залага за промени во партијата.

Тој додава дека „доколку сакаат да ја добијат довербата на граѓаните мора прво да спроведат реална анализа на нивните кадри и да им се заблагодарат за соработката на најмалку 90 проценти од нив.“

„После тоа да изработат реална изборна програма, која ќе биде остварлива, а не список на неостварливи желби. Само со таков пристап и со позитивна кампања ќе имаат шанса да го поправат лошиот имиџ кој ги следи од првиот ден на владеење,” додава Малчевски.

Власта се фали со економски успеси, опозицијата напаѓа со критики …

Додека власта и опозицијата на избори ќе ја тестираат довербата на гласачите, дел од економистите веќе оценија дека за економската иднина на Македонија ќе бидат потребни сериозни промени и политичка храборост за нивно спроведување.

„Мислам дека прво земјата ќе мора стратешки да се (ре)позиционира. Не велам да се напуштаат сегашните стратешки определби, но за момент мислам дека тие треба одново да се разгледаат. Самото членство во НАТО дава одредени насоки во таа смисла, но во НАТО се членки сите оние земји чии што  билатерални интереси имаат влијание врз македонското надворешно и стратешко позиционирање. Таму се и САД, и Франција, и Германија, и Турција. Во меѓувреме, „средувањето“ на работите по дома треба да е врвен приоритет. Би рекол дека на прво место тоа се корупцијата, јавната администрација, медиумите, образованието и здравството. Ни треба сериозно нов пристап оти досегашните млаки и парцијални решенија само ги продлабочуваат проблемите место да ги решаваат. И, секако, нов економски концепт! Стапките на економски пораст од околу 3 проценти се далеку од доволни за земјата да излезе од вителот на низок раст“, коментираше неодамна Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Дел од бизнисмените очекуваат дека претстојниот изборен циклус, вклучувајќи го периодот на техничка Влада и постизборниот период на формирање на ново мнозинство со нова Влада, сепак ќе придонесе кон одреден економски застој и апстиненција и кај компаниите, но и кај граѓаните.

Translate »