Србија прогласи вонредна состојба
Србија вечерва прогласи вонредна состојба низ целата територија поради епидемијата на коронавирус, а претседателот Александар Вучиќ најави дека одлуката ќе стапи на сила веднаш.
„Одлуката не ја донесовме лесно, затоа што таа се носи во исклучителни околности. Србија денес е во војна против невидливиот злобен противник што нашата земја мора да го победи“, рече Вучиќ.
„Тоа е борба за нашите родители, но и за иднината на Србија“, додаде тој.
Вучиќ кажа дека лица постари од 65 години мора да останат во своите домови.
„Нема да страдаат нашите деца, туку нашите родители и затоа ве молам да не излегувате од дома“, рече тој.
„Се затвора животот за да го зачуваме животот“, кажа Вучиќ.
На српските граѓани нема да им биде забранет влез во земјата, додека на странците ќе им биде забранет. Оние што доаѓаат во Србија ќе треба да останат во карантин 14 дена, додека оние што доаѓаат од ризични земји ќе треба да останат во изолација 28 дена.
Вучиќ најави дека за прекршувањето на овие мерки затворската казна е три години.