Митови и Невистини поврзани со COVID-19 и Корона вирусот
Со пристигнувањето на вирусот SARS-CoV-2 и респираторната инфекција COVID-19, која новиот корона вирус ја предизвикува, бомбардирани сме со милион лажни вести и информации, дезинформации, контрадикторни мислења, обиди за предизвикување паника и за манипулирање на јавноста.
Во продолжение прочитајте за невистините и потенцијално опасните содржини кои се шират по виртуелниот простор поврзани за COVID-19:
1. Маските помагаат да се спречи инфекцијата
Обичните хируршки маски се недоволна заштита од овој вирус. Единствено можат да спречат пренос на респираторна инфекција од Вас на друго лице ако сте болни, но и тоа е ограничено. Ако подолго време ја носиме маската, се создава температура и влажност која е погодна за развивање на патогени. Единствено маските со ознака FFP3 нудат некаква заштита под услов да се поставени правилно и доколку имаат исправен филтер.
2. COVID-19 не е толку опасен како сезонскиот грип
Епидемиолозите не се согласуваат со ова тврдење. Треба да се има на ум дека за човечкиот род, ова е нов вид на инфекција со која генерациски нашиот имун систем не се сретнувал до сега. Исто така, против сезонскиот грип имаме вакцина и лек кој ги ублажува симптомите (Тамифлу), додека против COVID-19 сè уште немаме ништо освен симптоматска терапија и нега. Тестирањата за вакцина се веќе започнати но таа нема да биде достапна во скоро време.
Смртноста од сезонски грип варира од година во година, но на годишно ниво Светската Здравствена Организација ја истакнува бројката од 290.000-650.000 случаеви на 3-5 милиони луѓе. Смртноста од грип изнесува околу 0.1%, во 2009 била 0.03% додека пандемијата на шпански грип имала смртност од 2-3%.
Официјалните податоци за смртност од COVID-19 изнесува 2% според податоците на СЗО но проценките се менуваат во зависност од бројот на откриените случаеви така да моментално се калкулира со бројката од 3-4%, додека за постарата популација дури и до 14.8%. Ова се значително повисоки бројки од сезонскиот грип но сепак тоа не мора да значи дека се овие вистинските стапки на морталитет од COViD-19. Можеби ќе се покаже дека е пониска од 2%, бидејќи постојат многу случаеви кои поминуваат „под радарот“ и имаат благи симптоми. Ако се вклучат и овие случаеви во статистиката, тогаш веројатно стапката на смртност ќе биде поинаква. Моментално не може да се одреди точната стапка на смртност од COVID-19, како и инфективноста на SARS-CoV-2 бидејќи ја немаме целокупната слика тука само некои делови. Поради тоа, не можеме да ја споредиме оваа болест со било која друга респираторна болест. Тоа што е каква таква олеснителна околност, е тоа дека многу луѓе немаат толку лоша клиничка слика. Луѓето што имаат претходни хронични болести како на пример дијабетес, болести на крвотокот, проблеми со срце или со бубрези, пушачите и мажите, се со поголем ризик да развијат компликации и да имаат потежок облик на болеста.
3. Инфекцијата може да се спречи со земање на додатоци во исхраната и витамини и детокс програми
Големи дози на витамин Ц, други витамини, додатоци за зајакнување на имунитетот, нема да помогнат во справување со инфекцијата. За жал, нити едно средство кое се рекламира како средство за зголемување и зајакнување на имунитетот, нема докажани ефекти за таа намена но здрава, балансирана исхрана, доволно сон и спортска активност како и избегнување на стрес, навистина може да придонесат во зајакнување на нашиот имун систем. Исцрпеност, недоволно сон, стрес и неправилна исхрана го прават нашето тело подложно на микроорганизми. Детокс програмите не можат да не „исчистат“ од токсичните материи туку тоа го прават нашата кожа, црн дроб и бубрезите.
По социјалните мрежи може да прочитате многу постови во врска со одреден начин на дишење, често земање вода, испирање на устата со екстракт од некои црвени алги кои ќе ви помогнат во спречување па дури и во лечење на инфекцијата. За ниту еден од тие „методи“ не постојат докази дека навистина делуваат.
Најефикасна мерка е темелно миење на рацете со вода и со сапун, држење дистанца од луѓе кои покажуваат симптоми и избегнување на собири со многу луѓе. Не е доволно само да се исперат рацете со вода и сапун туку е потребно неколку пати и на внатрешниот и на надворешниот дел на дланката да се стави поголема количина на сапун и да се измијат темелно како што тоа го прават хирурзите.
4. Жените не можат да умрат од COVID-19 и можат да одат на шопинг во Италија
Ова е една од по опасните невистини. Жените и тоа како можат да заболат и да умрат од оваа инфекција. Односот на заболени мажи и жени е 51% наспроти 49%. Единствено е точно дека смртноста е поголема кај мажите (2.8%) во однос на жените (1.7%). Научниците не знаат зошто е тоа така и поради тоа невистините од типот „жените се имуни на вирусот поради естрогените“ се многу опасни.
5. Вирусот настанал во лабораторија
Ова тврдење беше неколку пати побиено. Се покажа дека вирусот е најблизок со див сој на вирус кој ги напаѓа лилјаците и дека се работи за зооноза – болест која од еден животински вид (точно не е утврдено кој) се префрлил и кај луѓето.
6. Вирусот нема да преживее на високи температури
Нема скоро никакви докази дека вирусот ќе исчезне со доаѓањето на повисоките температури. COVID-19 беше откриен во декември и најголемиот дел од научниците велат дека едноставно нема доволно докази кои ќе сугерираат дека бројот на заболени ќе паѓа со зголемување на температурите.
„Ние мора да претпоставиме дека вирусот ќе продолжи да се шири и ако кажеме дека нема, со тоа даваме лажна надеж дека тој ќе исчезне во лето како сезонскиот грип“- рече Д-р Michael Ryan, шефот за итни случаеви во Светската Здравствена Организација.
Pharmanews.mk