Здраво за готово

Конечно, пролетно понеделничко утро. Студено е уште додуше, ама најавата на она што следи за три часа упатена од сонцето блеснато и мирисот на маалската слива во цвет е доволна да ти ја стопли душата. Наочари за сонце и марами во поведри бои, некако поиздолжени во вратовите, во редовната понеделничка утринска трка. Деца се разнесуваат до училишта и градинки, и потоа кој со трк, кој со пцовки зад волан, со пола чеклиста на дневни обврски во глава – кон работа. Чеклистава е до пола ден, дека на пола е времето кога сонцево од најава ќе влезе во реализација и веќе знам каде ќе го пијам кафето. Другата половина таму ќе ја смислиме.

Таму некаде во позадина, на радио, некои блиц вести од светот, нешто таму во Кина имало некои гужви…па гужвиве нешто се пренесле кон Европа, ама таму негде тоа, море има и 1-2 случаја нешто сомнителни кај нас, ама…

Вторникот е зачинет е со пензионерите кои го користат бесплатниот превоз за да ги преплават пазарите и амбулантите. Ели, докторката, пие пола дијазепам наутро во вторник и петок. Превентивно. Треба да го преживее денот преполн со продолжување редовни терапии, приказни за непостоечки болки, стравови и состојби, гачки за децата и внуците. Ама радост! Синот од Канада доаѓа на крајот на месецот и ќе остане до Јуни! Радост и за Ели, докторката! Оваа пациентка волшебно ќе биде здрава од крајот на месецов до крајот на Јуни!

Средата е малку навидум потмурна од понеделникот и вторникот. Мими ја планира паузата да се види со љубовникот. Не се виделе еден месец. Возбудена е. Што ли им донесе тој месец разделба? Дали далечината од очите им ги раздели и срцата, или, напротив, нема да може да се насладат еден на друг во времето што го крадат?

Вестите од светот зафаќаат малку поголем дел од дневникот вечерва…хммм…шо чудо ќе беше ова? Берзите паднати. Кому ли, по ѓаволите, му одговара ова? Сега ќе се види! Ете, тоа е! Заговор!

Четврток е редовно денот за планирање. Покрај планирањето на денот, почнувам да го планирам викендот, грубо предвидувам што ме чека следната недела, а уз ручекот ја начнуваме и темата за претстојново лето. А да фатиме некаде нагоре? Ми ѕвони другарка ми, има добра свирка во Радио Бар. Уморна сум малку, ама одиме! По едно пивце, музиче и пеш дома – да се размрдаме. Вечерва и домашните вести се погласни околу невидливото чудо што прави ршум таму некаде…

Петок. Е петок де! Што повеќе да се каже?  Има ли поубаво чувство од тоа да излезеш од работа а надвор уште да е ден? “Дојди на афтер”, свирнаа од друштвово. “Батали, имам нешто денес, другиот петок доаѓам сигурно!”

Викенд во пролет. Толку трае. Колку да речеш “викендвопролет”.

Пак е понеделник, не е толку убаво времето, ама ги правиме редовните понеделнички работи. И одеднаш, како од никаде, паѓа бомба во вид на информација за неодговорна докторка која има големи шанси да го пренела новиот вирус, тој од таму некаде, од позадинската бука на радиото во кола, на многу луѓе со кои комуницирала последните 5-6 дена. And shit just got real.

Тоа беше последниот ден кога си ги видов родителите кои живеат 20 метри подолу од мене. Ранливи се. А јас сум ризик – преносител. Уште одам на работа, движам меѓу луѓе. Имам и две проносителчиња дома. Тоа беше и последниот ден кога нештата течеа “нормално”. Тоа беше и денот кога бев прашана дали имам резерва брашно дома. И ориз и грав. И денот кога умов почна да не може да постигне да сфати што се случува.

Текот да не ви го прераскажувам, досадно е, сите знаеме сè. Туку загриженоста што сè почесто ја слушам е: Сè застана. Па тоа некако ме замислува. Сè застана… Хммм. Дали?

Еве на пример, цутот на сливата од минатиот понеделник е денес полн. На мало ветре латиците ги побелуваат соседните балкони. Една врба гледам од пенџере – секое утро е позелена. Небото над Вухан е сино, велат. Некој снимил видео на празниот кеј во Трст. Делфините се вратиле. Штрковите сопственици на најголемото гнездо во Европа, дојдоа во Облешево, удобно се сместија во сезонскиот дом и ја скенираат околината за жаби. Рибите ги преплавиле каналите во Венеција. И на ластовичките кај и да е, ќе им се израдуваме.

Не другари, не ќе да застана светот. Ние застанавме. Или, застана светот кој единствено го познаваме. Светот кој арогантно верувавме дека го управуваме. Застанаа берзите, авионите, фабриките, трговските центри, трговците, инвеститорите. Застана изборниот процес. Застанавме јас и другарка ми со еспресото во барчето долу во 12. Ептен, скроз застана сопственикот на барчето каде пиев кафе во 12. И тие на шанкот што работеа. Се прашувам дали се добро. Имаат ли и тие храна во фрижидерот, доволно тоалет хартија? Застана пензионерот кој утрово не го фати автобусот кон зелено пазарче послушно седејќи дома и нарачувајќи им ги на блиските неопходните продукти. Застана бабичката што ја посетуваше Ели секој вторник. Ели и на Ели колегите и колешките ич не застанаа. Застана синот на бабичката кој не може да ја напушти Канада. Застана Мими, дома е. Време е да се соочи со себе. Застана љубовникот. Време е да се соочи со сопругата и двете деца. Застанаа моите планови. Во денот го планирам времето за работа и времето за поминување наставни содржини за трето и седмо одделение. Ако успеам да украдам по еден саат да свртам круг по маалските улици – супер. Летово е далечно и многу неизвесно. Рано е да кажам дека свирката во Радио Бар ми личи на дамнешно минато, ама следниот четврток ќе ми биде во магла. Вечерва сум дома. Гледам филм со семејството. Петок иде, но “сигурно доаѓам на афтер” е сега толку релативно! Одговарам на прашања поврзани со Уставот на државата, на теми кои ги учев теоретски, механички, без да можам да појмам дека воопшто некогаш ќе се случат. Вонредна состојба предизвикана од епидемија. Вонредна состојба предизвикана од епидемија. Вонредна…. Читам, читам, читам. Читам информации, статистики, веројатности, прогресии, сценарија, ефекти на краток, среден и долг рок. Пак арогантни прогнози.

Светот од нашата свест, оној што го имавме здраво за готово, се сврте наопаку. REM свиреа It’s the end of the world as we know it. И баш е така.

Е сега, што од сега? Веројатно откако ќе се адаптираме на оваа нова реалност, ќе видиме од “што мастраф сме направени”. Планетава “се реновира” напиша некој скоро. И ќе си ја воведе рамнотежата повторно. Онаа што ние ѝ ја нарушивме. А ние, другари, нам ќе ни падне товарот или честта (кој како милува) да го изградиме светот повторно. Еден современ историчар и писател вели дека историјата не се учи за да се извлечат поуки, туку да се ослободиме од неа, да не ни претставува товар кога ја градиме иднината. Ако е така, се надевам во овој долг релативно мирнодопски период кој го живеевме, успеавме да акумулираме доволно капитал да го кренеме светот клекнат на колена, доволно знаење да сфатиме што да не правиме, а дека ова ќе ни донесе доволно мудрост да ја појмиме од една страна сопствената ништожност, а од друга сопствената моќ и капацитет да дадеме приоритет на природата, солидарноста, добрината сочувството и ферството, наспроти алчноста. Да се ослободиме од алчноста, од погрешните чекори, од ароганцијата на капитализмот, да ги истресеме од себе како пес болви. Па на крај, можеби ова е (р)еволуцијата која знаев дека ќе дојде за да воспостави нов поредок во светот. Само дојде на неочекуван начин.

Во меѓувреме, чувајте се, чувајте ги блиските и чувајте ги прегратките за тие на кои неизмерно сакате да им ги дадете кога ова чудо ќе помине! И знајте дека “како си” е шифра за “те сакам”.

Ана Черепналковска

Translate »