Диме Миоски- “Анел компјутери” Софверските решенија овозможуваат автоматизација на производниот процес и бројни заштеди
“Анел компјутери” е една од иновативните македонски софтверски компании која постојано се труди да создава нешто ново и функционално од областа на информатичката технологија, со цел да им помогне на компаниите да ја зголемат својата продуктивност и ефикасност. Она што е најново од оваа компанија е софтверската апликација наменета за компании од текстилната и кожарската индустрија, но која е лесно прилагодлива и во останатите производни процеси. Оваа иновација, но и сите други активности на оваа компанија беа повод за разговор со г. Диме Миоски и г-ѓата Ана…., кои се и одговорни за маркетинг и продажните активности на оваа компанија.
- ФИТР го поддржа вашиот проект препознавајќи корисно и иновативно софтверско решение од кое ќе имаат бенефит производните компании. Можете ли поконкретно да ни објасните за што станува збор?
Најголемиот дел од компаниите во нашиот регион се директно или индиректно поврзани со текстилната и кожарската индустрија или се директни производители кои нудат логистичка подршка на истите. Овие нискоакумулативни бизниси имаат огромна конкуренција во делекуисточните земји па дури и во нашето блиско опкружување, а најголемиот проблем им е недостаток на работна сила. Нивниот излез е во автоматизирање на нивните производни процеси и намалување на администрацијата.
Тука настапуваме ние со нашето софтверско решение. Првиот модул од нашиот софтверски пакет е Нормирање на производство, процес без кој не може да се замисли модерно производство. Овој процес не е корисен само за одредување на платите на секој работник туку и за точно одредување на цената на чинење на еден производ или услуга. Врз основа на податоците добиени може да се направи правилно планирање на производството и следење на производството согласно планот. Од тука можат да се добијат податоци за тесни грла во производството, анализа каде може да се вложи во машински парк или нови работни позиции или кратење на истите докoлку се непродуктивни. Перспективно размислуваме за намалување на административците кои го евидентираат учинокот на вработените со нова софтверска алатка која се инсталира на паметните телефони и самите вработени да си ги внесуваат производните операции и количините, што значи многу во кратење на време и ресурси за изработка на плати и следење на призводството согласно планирањето.
Вториот модул е Програма за изработка на плати. Оваа програма покрај фиксните податоци за секој вработен како што се број на бодови согласно Решението за работа планирано е во иднина да црпи и променливи податоци од Софтверскиот модул за евиденција на работно време(број на изработени часови) и од Нормирање на производство(учинок). Токму овие пакети го намалуваат времето на административците и даваат корисни податоци на менаџментот за квалитетно и успешно водење на производни процеси.
Третиот модул е Кадрова евиденција, каде се сместени матичните податоци за вработените, решенија за работа, решенија за одмори, планирање на одмори како не би се нарушил производниот процес, евиденција за направени лекарски прегледи, евидениција за направени обуки за секој вработен и слично. Исто така, овој модул е планирано да биде во интеракција со предходните согласно потребите.
Четвртиот модул е Модул за евиденција на работното време: присуство, отстуство, паузи, годишен одмор, прекувремена работа но и контрола на пристап, кој работник каде смее да се движи согласно потребите на производниот процес. Вреди да се напомене дека фирмите кои имаат просторно оддалечени производни објекти, самиот софрверски пакет овозможува централизирано да се управува со него, односно се инсталира софтверот на еден компјутер (Database server) и еден администратор преку интернет со мрежни контролори го администрира и менаџира целиот процес.
- Од каде идејата за ова решение, и каде се може да има примена оваа софтверска апликација?
Идејата за оваа решение произлезе од информациите добиени од нашите клиенти, што значи дека во голем дел овој пакет е прилагоден кон барањето на клиентите. Тука многу ни помогна и нашето долгогодишно искуство во изработка на апликативен софтвер пред се добрата екипираност на фирмата во која работат 4 дипломирани електро инжинери, 2-ца дипломирани економисти 2-ца електротехничари со долгогодишно искуство.
Оваа софтверска апликација е наменета за производни фирми од текстилната и кожарската индустрија, а со минимална модификација може да се користи во било какви производствени фирми согласно корисничките барања.
- Колку компаниите во Македонија се свесни дека токму технолошките решенија имаат за цел унапредување на нивното работење. Дали постои скептицизам, и недоверба, која бара од Вас дополнително да информирате и да едуцирате?
Нашите компании во минатото беа доста скептични во новите технолошки решенија, но последните години сликата се промени. Започна инвестирање во автоматизирање на производните процеси, а паралелно на тоа и во софтверските решенија. Тука помогнавме и ние со нашите решенија, воведовме пракса на пробно користење на софтверскиот пакет од 30 дена и континуирана подршка и едукација во тој период. Истиот беше корисен за нашите клиенти но и корисен на нас за подобрување на нашите решенија затоа што нема подобар тестер од самиот корисник.
Сакам да ги информиран сегашните но и нашите потенцијални клиенти дека слични решенија имаат и други софтверски компании но обично тоа се доста гломазни пакети чија цена на чинење е доста висока, а самите корисници користат процентуално многу малку од нив. Исто така, тие апликации бараат доста хардверски ресурси. Нашето решение е во голема мера прилагодено на секој корисник поединечно, не е гломазен, не е оптоварен со непотребни функции и не бара некакво специјално прилагодување во текот на инсталацијата. Доста корисно е да се напомене дека работи добро на компјутери со ниски перформанси (пример дуал коре процесор и 4ГБ РАМ).
- Дали вакво софтверско решение, може да се продава и во земјите од регионот?
Секако дека корисници можат да бидат и фирми во околината на Македонија, такво нешто земавме во предвид кога конкуриравме со проект во ФИТР, имено предвидовме превод на англиски јазик кој веќе ни е во завршна фаза. Не ја исклучуваме можноста во иднина да се преведе и на Албански, Српски или Бугарски јазик.
- Како една од најстарите компании во Штип и овој регион, каде работите од далечната 1991 важите за една од технолошките компании која нуди најразлични услуги и производи. Што се како услуга можат да добијат клиентите
Нашата основна дејност ни е изработка на софтвер. Како софтверски алатки во моментов користиме Microsoft Visual Studio , SQL Data Base, Telerik и Crystal reports. Но тоа е само еден дел од нашата палета на услуги. Веќе подолго време поседуваме лиценца за приватно техничко обезбедување издадена од Комора за приватно техничко обезбедување која ни овозможува монтажа на системи за видео надзор, алармни системи за провала, системи за заштита од пожари. Исто така проектираме и изведуваме други нисконапонски инсталации како компјутерски, телефонски и телевизиски инсталации. Нудиме и дигитални телефонски централи за фирми и хотели со софтверско решение за наплата. За текстилните компании кои се наши најбројни коминтенти нудиме принтери од термален тип за изработка на етикети и репроматеријали за истите од реномираниот производител од САД Avery Denisson.
- Кои услуги најчесто се користат од вашата компанија?
Најчести услуги кои се користени се нашиот основен софтверски пакет за Материјално и Финансова книговодство надополнет со 4-те нови модули кои ги изработивме со помош на грант од ФИТР. Доста од нашиот годишен приход доаѓа од продажба на компјутерски хардвер: сервери, ПЦ-а, лаптопи, Мултифукционални принтери и слично. Тука треба да се напомени и изработка на компјутерски мрежи како бакарни така и оптички, инсталација на системи за видео надзор и заштита од кражби и пожар. Најбитниот момент кај нашата компанија е што не нудиме само продажба туку и постпродажба(обука за користење и сервис во и вон гарантен рок).
7. За крај, која деловна порака би ја упатиле до компаниите?
Драги коминтенти, сегашни и идни нашата компанија набргу ќе слави јубилеј 30 години. Досегашниот успех не би бил можен без вас и вашите бизниси. Апелирам да барате пробен период на нашите софтвери како би можеле да ги пронајдете вашите потреби во нашите решенија. Нашата цел е да се олесни и автоматизира вашето работење, а ние постојано да го подобриме нашиот производ, повторно во Ваша корист за уште по оптимизирани процеси.