НОВ КЛАСТЕР ВО ОХРИД, ГОСТИ НА СЕМЕЈНА ВЕСЕЛБА ЗА НОВОРОДЕНЧЕ ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД 19

Четворица нови заболени од Ковид 19 се регистрирани денеска во Охрид. Еден од четворицата се заразил на семејна прослава во контакт со заболен охриѓанец инаку вработен во охридскиот затвор кај кого вирусот е потврден во саботата, за преку 15 други кои присуствувале на истата веселба во Охрид се чекаат резултати, а други двајца веќе пријавиле симптоми на вирусот.

Вработениот во затворот во саботата е префрлен на лекување на инфективното одделение во битолската болница, а откако ги добил симптомите немал контакт со колегите оти бил на одмор тврдат од Охридскиот затвор. Првиот ден кога се вратил на работа на самиот влез му била измерена висока температура по што веднаш бил пуштен на тестирање вели за ТВ24 директорот на затворот Ристе Недески.

Останатите тројца регистрирани случаи денеска немаат заедничка поврзаност иако од Центарот за Јавно здравје од Охрид велат дека поголемиот дел од  досега заболените во регионот се најчесто членови на исто семејство, а нивните движења и контакти со други граѓани тековно се следат.

И во соседна Струга денеска се регистрирани нови 7 случаи. Епидемиолозите стравуваат и од уште поголем раст на бројката на новозаболени идниот период како последица на викенд гостите кои претежно доаѓаа од ризичните подрачја со голема бројка на заболени од Ковид 19, а изминатиов викенд ги преплавија туристичките места.

Translate »