Бразил урива рекорди – над 32.000 новозаболени во последното деноноќие

Со вкупно 739.503 случаи на инфекција, Бразил е втора земја во светот со најголем број заразени, по Соединетите држави, и со 38.406 смртни случаи, трета во светот по бројот на починати.

По пресудата на Врховниот суд, сите целосни податоци се повторно достапни на официјалната веб-страница од која беа отстранети вкупниот број на заразени и мртви.

Пресудата дојде по зголемен притисок од сите страни и се тврди дека владата се обидува да ги прикрие вистинските податоци за бројот на заразени, а сега вкупниот број на смртни случаи и инфекции повторно може да се видат на официјалната веб-страница.

Новите податоци објавени вчеравечер покажуваат дека во изминатите 24 часа се регистрирани 32.901 новозаразени, додека вкупниот број заразени сега е 739.503. Имало 1272 смртни случаи, или вкупно 38.406. По Соединетите држави и Велика Британија, Бразил е трета земја во светот во однос на бројот на починати.

Претседателот Жаир Болсонаро упорно се обидува да ја намали сериозноста на епидемијата на коронавирус, нарекувајќи ја болеста „благ грип“ и ги повика гувернерите да ги ублажат мерките кои негативно влијаат на економијата.

Вчера, Болсонаро рече дека Светската здравствена организација го изгубила кредибилитетот во борбата против пандемијата и дека Бразил може да се повлече од организацијата.

Translate »