Македонски концепт: Последна шанса да изградиме нормална држава

Maкедонски концепт на овие избори ќе настапи со изборниот слоган Последна шанса. Слоганот повикува на акција бидејќи сега пред нас имаме последна шанса да ги смениме работите на подобро, изјави денеска Петар Богојевски од Македонски концепт.

Foto: mkd.mk

„Ова е последна шанса. Последна шанса да ја спроведеме на дело идеологијата на здравиот разум. Последна шанса да живееме во слобода, спокој и солидарност. Последна шанса да изградиме нормална држава со богати граѓани.

Македонски концепт има проект за обештетување на граѓаните кои буквално се ограбени последните 30 години. Проектот е дел од „3С – програма 2020“, односно делот за солидарност и се однесува на директно обештетување на граѓаните.

Наша крајна цел е создавање на нормална држава со богати граѓани. Имаме проект за парично обештетување на секој граѓанин на државата, согласно мерливи критериуми за утврдување на степенот на веќе настанатата индивидуална штета. За таа цел превидуваме потребни средства од 1,5 милијарди евра во рок од 5 години. Граѓаните поднесоа многу неправди, високи трошоци, кои се одразија со жртви и загуба во квалитетот на живеење. Транзицијата уништи многу семејства и човечки судбини. Тоа не е од денес или вчера, тоа не е за време на оваа или онаа влада, туку за цело време на досегашниот, предолг транзициски период, од осамостојувањето на Македонија до денес. Само преку правична распределба на богатството во земјава, ќе исчезне горчливото чувство на неправичност кај секој од нас и антагонизмот помеѓу богатите и сиромашните. Од тоа интерес ќе имаат и едните и другите. Со тоа ќе постигнеме внатрешен мир и чувство на правичност, со цел да се намали оваа опасна тензија во општеството“, додаде Богојески. 

Translate »