НОВАК ЃОКОВИЌ ПОЗИТИВEН НА КОРОНАВИРУС

Најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ, како и неговата сопруга Јелена се позитивни на коронавирусот.

Веднаш по пристигнувањето во Белград, Новак беше тестиран заедно со членовите на семејството и екипата со која се наоѓаше во Белград и Задар. Тој во моментов не чувствува никакви симптоми.

– Веднаш по пристигнувањето во Белград, отидовме на тестирање. Резултатите од мојот и на Јелена се позитивни. Децата се негативни. Сè што направивме во изминатиот месец направивме со чисто срце и искрени намери. Нашиот турнир беше од хуманитарен карактер со идеја да им помогнеме на тенисерите, а во исто време, сакавме да испратиме пораки на солидарност и почит, фер игра и да им помогнеме на добротворните фондации и на оние кои се во можност да го надминат тешкиот период и да ја добијат најпотребната помош. Драго ми е што голем број луѓе се приклучија на таа иницијатива – рече Ѓоковиќ.

Најдобриот тенисер на светот ќе ги помине следните две недели во карантин.

– Ние го организиравме турнирот во време кога вирусот беше ослабен, верувајќи дека се исполнети условите за негово одржување. Мене ми е исклучително жал за секој поединечен случај од заболените. Ги следам изјавите на лекарите и се надевам дека бројот на заразени нема да се зголеми. Се надевам дека нема да биде закомплицирана нечија здравствена состојба и дека сите ќе бидат во ред. Ние ќе останеме во самоизолација во наредните 14 дена и ќе го повторам тестот за 5 дена – додаде Ѓоковиќ.

Translate »