Ѓоргиев: Негувањето на свој јазик и идентитет не е закана за европските вредности
Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет е закана за европските вредности и основните човекови права, вели историчарот Драги Ѓоргиев
Бурни реакции во Северна Македонија предизвика бугарскиот објаснувачки меморандум за односите меѓу двете земји во контекст на проширување на ЕУ, кој Софија го доставила до земјите-членки на Унијата и бара поддршка од нив.
Со образложенија и оценки за наводна „државна антибугарска идеологија“, официјална Софија го повикува Скопје да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, кое според Бугарија било причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.
Источната сосетка, со која од први август 2017 година имаме Договор за добрососедство и соработка, оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања.
„Етнички и јазичен инжинеринг“
Според Софија, Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година.
„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 2.8.1944 година. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации), три од нив се основаат на дијалекти и три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во бивша Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, пишува во меморандумот.
Но, Бугарија оди и чекор понатаму, со „рецензија“ на Преспанскиот договор, во однос на јазикот. Софија оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите Нации од 1977 година, кога е признат македонскиот јазик. Сега Софија бара во ЕУ-документите да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.
- ДОГОВОР ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ ЗА ИМЕТОПотпишувањеДоговорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Еднострани оценки
Според реакциите во земјава, ваквите барања и ставови на Софија длабоко ги еродираат заложбите за добрососедство, а едностраните и исклучиви оценки во меморандумот може да ја направат беспредметна и работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.
„Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија упатен до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување не преговорите, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата“, вели историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската Комисија.
„Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин, или пак закана за било која нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права. Нациите се резултат на долготрајни и повеќеслојни процеси и не се создаваат со одлука и волја на една институција или човек. Несомнено бугарската национална идеја има свое место во развојот на македонската национална идеја, што резултирало со заеднички и споделени историски личности и моменти (впрочем, историјата на европските народи познава многу примери на заеднички херои). Но, тоа не и го одзема правото на македонската нација на нејзин сопствен и автохтон пат. Всушност, сите нации се социјални конструкти, а не биолошки категории“, вели Ѓоргиев.
Во бугарскиот меморандум има забелешки и за толкувањето на концептот за „заедничка историја“.
„Претставниците на Република Северна Македонија го оспоруваат заедничкиот концепт за заедничка историја, обидувајќи се да го заменат со алтернативни поими како „споделена“ или „испреплетена историја“, се наведува во меморандумот.
Како што наведува Ѓоргиев, денес постојат неколку концепти кои ги објаснуваат историските процеси и меѓусебните влијанија меѓу нациите и други заедници, како што се испреплетена или споделена историја, вкрстена историја.
„Синтагмата ‘заедничка историја’ спомната во Договорот за добрососедство, не е дефинирана во самиот Договор. Неговото разбирање и толкување не може да биде надвор од рамките на современите пристапи за проучувањето на минатото“, вели претседателот на македонскиот тим во македонско-бугарската Комисија.
Дијалог наместо конфликт
Бугарија сега од земјите членки на ЕУ очекува поддршка за нејзината вистина, низ преговарачката рамка за земјава.
„Одржувањето на добри меѓусоседски односи и особено, спроведувањето во добра волја на билатералните договори со земјите членки на Европската Унија треба да биде составен дел од Преговарачката рамка за прием на Република Северна Македонија во ЕУ и треба да биде набљудувано во поглавјето 35. Проценките дали тие меѓународни обврски се ефикасно исполнети треба да биде на конкретните земји членки“, се наведува во бугарскиот објаснувачки меморандум.
Ѓоргиев посочува дека постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт.
„Несомнено е дека во поглед на разбирањето на историјата на регионот Македонија постојат повеќе погледи и толкувања, особено во државите на Балканот, така што не постои само една ‘историска вистина’. Но ,тоа не е причина да се настојува еден национален историски наратив, односно ‘историска вистина’ да се наметне врз друг. Ваквите спорови можат да се надминат само преку разбирање за погледите на соседите, без притоа тие погледи за минатото да предизвикуваат поделби и недоразбирања. Токму поради тоа, мултиперспективниот пристап во изучувањето на минатото претставува солидна основа за надминување на историско-политичките спорови. Постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт, туку поскоро до дијалог што ќе овозможи да се надминат национализмите и злоупотребата на минатото, кои ги поткопуваат темелите на кои се заснова современа Европа“, оценува Ѓоргиев.
DW