Се отвораат училиштата низ Европа: Маските задолжителни, одделенијата помалубројни
И покрај порастот на инфекции со коронавирус, Европа работи на подготвување на учениците да се вратат на училиште.
Се намалува бројот на ученици во училниците, се скратува работното време и се воведува обврска за носење маски во училиштата.
Многу родители и наставници стравуваат дека овие мерки не се доволни или дека се донесени предоцна, поради што некои родители одлучија да не ги испраќаат своите деца на училиште и да ги задржат дома.
Давид Родриго, 41-годишен ИТ експерт од Саламанка, Шпанија, рече дека нема да ги испраќа своите двајца синови, седумгодишно и деветгодишно дете на училиште, бидејќи се плаши за нивната безбедност.
Иако децата генерално имаат поблаги симптоми на коронавирус од постарите лица, тие можат да ја пренесат инфекцијата кај постарите членови на семејството кои живеат со нив во исто домаќинство кои се „многу, многу ранливи“, рече Родриго, кој претставува група од 60 семејства кои ги делат истите грижи.
Децата ќе ги следат правилата за социјално растојание „првите десет секунди“, убеден е Родриго.
Групата на овие родители е само една од неколкуте во Шпанија кои бараат учениците да продолжат да го следат учењето од далечина до одобрување на вакцина или терапија против ковид-19.
Но, шпанската влада инсистира учениците, кои не биле во училниците од март, да се вратат на училиште во септември.
Владата во четвртокот објави дека сите деца над шест години постојано ќе мора да носат маски на училиште.
Во Италија, првото европско жариште, децата над шест години ќе мора да носат маска кога не е можно да се почитува социјалното растојание, додека Грција воведе обврска за сите ученици да носат маски.
Важноста на носењето маски на училиште „е очигледна како носењето безбедносен појас во автомобил или потребата за вакцинирање на вашите деца“, рече грчкиот министер за образование Ники Керамеус.
Некои држави го намалија бројот на ученици во училниците за да обезбедат растојание меѓу нив.
Во училниците во Грција ќе има најмногу 17 ученици, а во Србија и Босна и Херцеговина најмногу 15.
Мадридските власти во вторникот објавија дека ќе вработат скоро 11.000 наставници и ќе формираат импровизирани училници во училишните дворови, така што бројот на ученици од основните училишта може да се намали на 20.
Мерцедес Сардина, претставник на наставниците од синдикатот CCOO во Фуенлабрада, на јужните периферии на Мадрид, се сомнева дека тоа ќе биде можно и го спореди со организирање свадба за три дена „кога ништо не е направено и не е купена венчаницата“.
„Наставниците се многу исплашени, како и учениците и родителите“, додаде таа.
Шпанскиот синдикат повика на штрајк на 16-ти, 17-ти и 18 септември против „импровизацијата“ на новата учебна година.
Учителката Ана да Силва од Фуенлабрада, која исто така не е сигурна дека мадридските власти ќе можат да извршат сè што е најавено, е подготвена да се врати на училиште.
“Треба да ги видам моите ученици, да се поврзам со нив. Ние ги знаеме нивните соништа, нивните радости, нивните фрустрации”, рече Да Силва.
Другите мерки вклучуваат често миење раце и пократко работно време.
Италија нарача 2,4 милиони индивидуални училишни клупи, но поставувањето може да трае до октомври, кога веќе е во тек учебната година.
Грција ќе му даде на секое дете во основно училиште шише вода за да избегне туркање пред училишните мијалници.
Главниот британски експерт за здравство, Крис Вити, изјави за Би-Би-Си претходно во август, за да ги смири страстите, дека се чини дека има „многу помалку пренос од деца на возрасни отколку од возрасни на возрасни“.
Но, Германија може да послужи како пример за претпазливост. Официјални лица затворија две училишта на северот на земјата на почетокот на август откако коронавирусот беше откриен меѓу учениците и вработените само неколку дена по враќањето на училиште.