ТУРЦИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНУВА НА ГРЦИЈА СО ВОЈНА АКО ЈА ПРОШИРИ СВОЈАТА ТЕРИТОРИЈА НА МОРЕ
Евентуалното грчко проширување на територијалните води по морската граница со Турција ќе се смета како повод за војна, рекол во саботата турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
„Ним (на Грците) не им е дозволено да ги прошират своите територијални води во Егејското Море на 12 милји“, рекол Чавушоглу, мислејќи на морето што ги дели двете медитерански земји.
„Тоа би била причина за војна“, вели Чавушоглу, повикувајќи се на декларацијата од турскиот парламент од 1995 година.
И Турција и Грција имаат шест милји територијални води во Егејското Море, каде што голем број грчки острови се наоѓаат покрај турскиот брег. Двете соседни членки на НАТО последниве денови се расправаа околу плановите на Турција да ја истражува територијата на источниот Медитеран, за која се верува дека е богата со нафта и гас.
Турското предупредување уследи откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис минатата недела објавил дека грчките територијални води на западната страна ќе се прошират од шест на 12 милји. Мицотакис исто така рекол дека Грција може да ги прошири своите територијални води и во други области.
„Не зависи од нас ако го прошират своето територијално море во Јонското Море … но нашата позиција околу Егејското Море е целосно јасна“, рекол Чавушоглу.